08.08.2025

Силното крило на нашиот национален тим потпиша едногодишен договор со литванскиот гигант

Џејкоб Вајли е нов играч на литванскиот Ритас!

Има причини за задоволство овие денови, извесно, нашиот најдобар кошаркар на првиот меч од претквалификациите за Светскиот Куп.

Одличниот почеток, или подобро речено, уште подобриот камбек во националниот тим на Македонија, беше причина повеќе за Џејкоб Вајли да направи еден сериозен исчекор во кариерата.

Да добие трансфер, како што вели, според неговите желби.

Имено, од денеска, еден од нашите најголеми адути во овој квалификациски циклус, а и понатаму, и дефинитивно е нов играч на литванскиот Ритас, откако се согласи на договор со траење од една година.

„Морам да кажам дека имав и други понуди, пред се од екипи од Шпанија. Но, се одлучив на онаа која дојде од мојата менаџерска агенција која ме води во една нова кошаркарска авантура. Да играм во една од најкошаркарските земји во Европа, а можеби и во светот, Литванија.

Слушнав многу добри работи за Ритас, погледнав во медиумите, мислам дека ќе имаме и добар играчки ростер во следната сезона. Тоа, заедно со оние услови за живот, за мене и за моето семејство, беа причините поради кои се одлучив да ставам крај на оние летни ‘чекања’ кои се секогаш присутни кај професионалните спортисти, во овој случај кошаркари“.

Порачува дека би сакал задоволството да биде уште поголемо доколку Македонија оди понатаму во претквалификациите:

„Задоволен сум од понудените услови, а верувајте ми дека би бил уште позадоволен кога со нашата репрезентација би направиле успех и во овој ФИБА ‘прозорец’, односно да стигнеме до победи кои не водат во следниот круг од натпреварувањето“- посакува нашето силно крило пред да го одработи денешниот утрински тренинг со репрезентативните соиграчи.

А тиe му честитаа, но и му порачаа дека е негов ред да почести за трансферот...