18.11.2020

Нашиот нов репрезентативец има НБА искуство, а моментално настапува за шпанската Гран Канарија во најсилната лига во Европа

Џејкоб Вајли: „Не се двоумев да кажам ‘ДА’, сакам да и помогнам на Македонија“ (ФОТО+ВИДЕО)

Кошаркарот на шпанскиот ACB лигаш, Гран Канарија, Џејкоб Вајли (26 години- 203 сантиметри), ќе биде во конкуренција за едно од 12. места во репрезентацијата на Македонија на претстојниот квалификациски турнир во Естонија.

И дефинитивно процедурата за неговото добивање македонско државјанство е завршена на време, и тој е веќе регистриран во канцеларијата на ФИБА.

„Во оваа прилика сакам да му се заблагодарам на претседателот на федерацијата, Перо Антиќ, за можноста и за честа која ми е укажана од нивна страна! Јас сум многу благодарен за можноста да помогнам во претставувањето на Македонија заедно со националниот тим. И кога ми беше презентирана идејата да играм за оваа кошаркарска земја, не се двоумев да кажам да. Сакав да учествувам во ова“- изјави Вајли по доаѓањето во Скопје, каде во текот на денот требаше да ги заврши оние неопходни формалности за добивање на македонската патна исправа.   

А она минимално слободно време кое го имаше на располагање за време на краткиот престој во Скопје, нашиот нов репрезентативец сакаше да го искористи максимално. Одработи 90.минутен индивидуален „воркаут“, односно тренинг во СРЦ „Кале“. Секако се со цел да биде максимално подготвен за она што на крајот на овој викенд го очекува како клупска обврска со неговиот клуб Гран Канарија. А веќе од првиот ден од наредната седмица, и со нашиот национален тим.

Во исто време и да се запознае со предводникот на нашата репрезентација од клупата, селекторот Александар Тодоров, кој му посака срдечно „добредојде“ и желба за што поголем успех во овој репрезентативен дел од неговата кариера.  

Вели дека не ги познава своите нови колеги во националниот тим, како и селекторот. Но во тоа не гледа никаков проблем.

„Не сум се сретнал со нив, секако поради овие околности во кои живееме во изминатиот период. Но јас сум доста адаптабилен тип. Мислам дека брзо ќе воспоставиме добри вибрации со соиграчите. Очекувам и јас и моите соиграчи да го дадеме последниот атом на енергија, да вложиме максимален напор, и да тргнеме во она што од нас се бара - да победуваме!“- дополнува новиот Македонец.  

Станува збор за крилен центар кој треба да ја пополни позицијата „4“, на која досега од натурализираните кошаркари ги имавме на располагање Ричард Хендрикс, а потоа и и Шејн Витингтон, кои сега играат во Јапонија и кои поради строгите здравствени процедури во „земјата на изгрејсонцето“ не се во можност да  настапуваат во „црвено-жолтиот“ дрес на нашиот национален тим .

Џејкоб Вајли има искуство и од НБА лигата. Во 2017 година, сега веќе новиот Македонец одигра пет средби во дресот на Бруклин нетс. Наредното лето  играше и за Далас маверикс во летната лига.

Минатата сезона настапуваше за Панатинаикос, а има искуство од играње во Германија и од далечната Австралија.

Лани, новиот „македонски Американец“ одигра 20. натпревари во дресот на Панатинаикос во кои имаше просек од 9.4 поени и 3.7 скока.

Во текот на оваа сезона за Гран Канарија просечно реализира по 9.8 поени и 2.3 скока во шпанската „Ендеса“лига.

На претстојниот „балон“ во Талин, нашиот сениорски национален тим ќе ги одмери силите против Италија (28. ноември), а потоа и против домаќинот Естонија (30 ноември).

Во „Б“ групата е уште и селекцијата на Русија.

На континенталниот собир (во четири различни држави од Европа) ќе се најдат двете најдобри селекции на табелата во конкуренција на руската, естонската и македонската селекција, со оглед на тоа што Италија веќе има обезбедено пласман на Евробаскетот, и тоа како еден од четирите организатори на шампионатот.