05.03.2021

Американецот со македонски пасош го доживеа своето официјално претставување како играч на Касадемонт Сарагоса.

Џејкоб Вајли официјално промовиран како играч на Касадемонт Сарагоса (ВИДЕО)

По утринскиот тренинг, и мал број на денови на престој во главниот град на Арагонија, Џејкоб Вајли го имаше својот прв официјален „настап“ пред медиумите во Сарагоса.

Новиот македонски репрезентативец во интервјуто дадено за официјалниот сајт на Касадемонт Сарагоса, рече дека е многу задоволен од приемот што го имал во оваа нова средина и веќе е фокусиран на предизвикот кој со себе во сабота навечер го носи  средбата со Хувентуд.

„Сите ме пречекаа со раширени раце. Благодарност до соиграчите и стручниот штаб што ми го олеснија создавањето на многу позната атмосфера во која адаптацијата беше многу полесна“- потенцираше снажниот Американец.

Иако и порано беа добро познати неговата енергија, неговото искуство од играње во Лас Палмас, новиот Македонец тоа го потврди уште на првите два натпревари во новиот дрес.

„Мислам дека тоа го бараше тимот и зборувавме за тоа пред да дојдам тука“.

Открива што е можеби главната карактеристика на неговиот кошаркарски репертоар:

„Да обезбедам енергија, да се обидам да помогнам што е можно повеќе. Мислам дека тоа е најдобриот начин на кој можам да придонесам: обезбедување енергија, атлетска способност и дополнување на деловите од мозаикот што веќе постоеја“.

По негово доаѓање, Сарагоса реализираше две победи. Една во „Ендеса“ лигата, против Реал Бетис во Севиља, потоа и против Динамо Сасари во ФИБА Лигата на Шампионите.

„Јас сум среќен поради двете победи. Оваа група има многу потенцијал. Тука никој не се грижи за тоа кој колку поени постигнал или да ја гледа статистиката. За мене, главната работа е тимот победи. На крајот на краиштата, треба да создадете култура за победување“.

Има своја филозофија со која тој сака да остави свој белег, да биде верен на самиот себе:

„Се обидувам секогаш да бидам ист, каде и да играм“. Системите, тренерите и соиграчите не се исти. Но јас се обидувам да се вклопам на најдобар начин“- вели Вајли.

Својата премиера во павилјонот „Принсипе Фелипе“ ќе ја има овој викенд, интересно, во дуелот против Хувентуд од Бадалона, екипата за која настапува уште еден македонски репрезентативец, Ненад Димитријевиќ.

„Ќе биде многу тежок натпревар, и ние не можеме да се фокусираме само на една позиција. Пак ќе кажам, среќен сум што по два месеци пауза повторно играм, и дека ќе можам тоа да го правам во овој тим. Кога сум на теренот, сакам да бидам најдобар што можам“ – заклучува нашето репрезентативно крило.