Нашата А-селекција пристигна доцна во Талин, а вчера го одржа и првиот тренинг откако доби негативни COVID-19 тестови, задолжителни за секој тим при пристигнување во хотелот.
Селекторот Александар Тодоров има дванаесет кошаркари на располагање, а еден од нив е новиот натурализиран Македонец - Џејкоб Вајли кој првиот тренинг со нашиот тим го одржа синоќа во „Саку Сурхал“ спортската сала.
„Го одржавме првиот тренинг и имав прилика да се запознаам подобро со тренерите и со соиграчите. Тимот е составен од искусни репрезентативци, но и од млади талентирани играчи желни за докажување што ми се допаѓа. Ова е борбен тим, тоа е очигледно. Верувам дека тренерот ќе не постави за да постигнеме успех “ - истакна Вајли, по првиот заеднички одработен тренинг со новите репрезентативни соиграчи.
Силниот Американец смета дека физичката подготвеност исто така може да биде еден од битните фактори за успех на турнирот во Талин.
„Верувам дека физичката состојба во тимот е добра, но и дека ќе се подобри во наредните денови. Имаме две многу тешки натпревари против екипи со многу талент, затоа верувам дека нашиот напор и тимска работа ќе бидат клучот во натпреварувањето на овие мечеви со Италија и со Естонија“- додава крилниот играч во нашата сениорска селекција.