18.02.2021

„Секојпат кога ќе стапнеш на теренот, имаш шанса да победиш“- вели Американецот со македонски пасош

Џејкоб Вајли: „Треба да веруваме во себе, ако е така, можеме да победиме секого“! (ВИДЕО)

Беше во комбинација за настап и деби во дресот на нашиот националне тим. Но таму некаде, пред крајот на ноември, короната го спречи и него, а и неговите соиграчи да заиграат во Талин.

Тоа е дамнешно минато за Џејкоб Вајли, доброто момче од државата Вашингтон, со ангажман во шпанската Гран Канарија, кој вели дека е максимално подготвен за сето она што го носат наредните пет дена. Четирите квалификациски средби по кои ќе стане јасно дали Македонија ќе биде дел од наредниот Евробаскет.

„Како што забележавте и вие, немавме многу среќа во изминатите два месеци. Затоа се трудиме и работиме напорно. Се подготвувавме да бидеме спремни за овој “прозорец’... Кои се нашите очекувања на турнирот во Русија? Да се бориме, во секој натпревар да влеземе со верба во себе, во своите можности, и во тимската работа. На секој меч да се бориме и да бидеме компетитивни“.

Американецот со македонски пасош ја потенцира атмосферата во тимот како една од клучните во реализацијата на потцртаните планови. Но и еден друг, исто така, важен момент...

 „Не е тоа отсега, и порано, кога бев со тимот, имавме навистина добра хемија. Момците играат долго време заедно, згора на тоа и на едно професионално ниво. Мора да го истакнам и тоа, дека сум навистина импресиониран со младите момци во тимот, нивниот развој во однос на овие последни два месеци, и што го гледам сега додека сме на тренинзите заедно“.

Како се снаоѓаш во овој тим?

„Што се однесува лично до мене, се трудам, и настојувам да се ‘пронајдам’ себеси во оваа група на играчи. Мислам дека го правам тоа колку што можам. Се трудам напорно да успеам во тоа, но и да остварам уште подобра комуникација со соиграчите“.

Колкави се шансите на нашата селекција да стигне до целта?

„Секако, додека играш, секојпат кога ќе стапнеш на теренот имаш шанса да победиш. Многу работи ќе зависат од нашата доверба, добрата игра треба да излезе од нашата самодоверба. Верувам дека имаме талент, дека го имаме тоа за да победиме. да веруваме еден во друг. Ако сме такви, можеме да победиме било кој тим, што ќе биде голема работа за нас“- порачува Вајли пред денешната пресметка со Италија, прва во низата на турнирот во Перм.