Некогашниот играч на АБА Струмица и на Торус СЦБТ, сега дел од Јуниор НБА, најде десетина минути да ги презентира пред се своите впечатоци од престојот во Скопје, но и да претстави дел од своите “тренерски вештини“.
Иако помина само три дена во Македонија, и имаше само малку време да се присети на некои други времиња, пред осум години, кога беше тука во една друга улога, Џеремаја Босвел најде десетина минути да ги презентира пред се своите впечатоци од престојот, но и да претстави дел од своите “тренерски вештини“.
Момент поради кој и 37 годишниот Американец, се врати кај нас, на добро „познатиот терен“ - сега како еден од гостите-предавачи на задолжителниот тренерски семинар кој го организираше Здружението на Кошаркарските тренери во нашата земја.
„Не сум бил тука одамна, мислам цели осум години, ако не се сметаат два кратки престои кои ги имав во меѓувреме. Навистина долго време, колку брзо летаат годините“ – вели некогашниот играч на АБА Струмица, потоа и на скопски Торус СЦБТ. „Но, навистина е убаво кога можеш да се видиш со некои луѓе како вас овде, кои не сум ги видел долго, долго време. И убаво ми е што сум тука во Македонија. Не можам да поминам без оние задолжителни работи, убава храна, прекрасна музика, заедно со некои мои стари пријатели. Драго ми е што сум тука повторно“.
Кој е твојот фокус во работата во она што се нарекува Јуниор НБА?
„Младите се многу важен дел од работата во Јуниор НБА. Секако, мојот фокус е насочен дома, во САД. И морам да признаам дека тоа е малку похаотично во однос на овој дел од светот. Се обидувам да давам вистински инструкции, да ги туркаме работите во вистинската насока. Се грижиме за многу работи, дури и оние основните, со каков обем на топка треба да се игра во одредени возрасни категории. Трошам доста добар дел од енергијата на сите тие работи кои се оценуваат како тренерски. Особено во овие интернационалните клиники. За мене тоа е важно, играта е особено важна можеби и најважна. Посебно важна и за фановите кои доаѓаат на кошаркарските натпревари“.
Колку е навистина тешко да се работи оваа работа?
„ И да, и не е толку тешко да се работи. Да, затоа што навистина сакам да ги учам децата на некои работи. Знаете дека во овие времиња, децата обрнуваат многу помалку внимание на оние спортски активности. Многу повеќе се ‘закачени’ на социјалните мрежи, ги користат модерните средства за комуницирање. Затоа мораш да бидеш трпелив со таа работа. Да бидеш особено интелигентен. А во исто време да ги ‘подготвиш’ играчите да бидат подготвени кога ќе стапнат на теренот, без разлика дали станува збор за тренинг, или за некој натпревар, сеедно. Едноставно, треба да дадеш се од себе за да го реализираш својот поставен план“.
Која е твојата порака за младите кошаркари во Македoнија...
„Секако, да го следат својот сон, да бидат кошаркари. Секој ден да ги усовршуваат своите знаења за кошарката. Да ја следат кошарката. Да ја следат, на пример патеката која ја имал еден Перо Антиќ, кој е сега претседател на вашата ценета федерација. И е еден голем ментор, и вистински лидер. Да бидат што е можно поактивни, како што тоа го правеше тој во времето кога беше активен играч, не само во НБА лигата, туку и на она друго интернационално ниво. Да ги слушаат и почитуваат своите тренери, затоа што тие можат да им помогнат многу во нивниот живот. Секој ден да се трудат да бидат подобри и подобри. И да го сакаат она што го работат“.
Имаш навистина одлични релации со НБА. Дали постои, макар и некоја најмала можност НБА, во некоја своја форма, како на пример Јуниор НБА во чија работа си вклучен повеќе години, да „дојде“ во Македонија?
„Познато е дека Јуниор НБА или пак НБА лигата никогаш не биле на овој простор тука. Можеби ова е првиот чекор кој некоја понатамошна колаборација. Јас сум тука, некои разговори се започнати. Гледано во иднината, таква опција постои. Секако, комуникацијата ќе продолжи, макар и по телефонски пат. Во некоја блиска иднина, можеби во 2020 или 2021. Мислам дека НБА би била воодушевена да има свое место тука. Сакаме да го имаме тоа влијание насекаде во светот. Затоа мора да се зборува за сите детали. И да се види што може да се направи околу тоа. Овие простори се полни со таленти. Секако, таленти има и во целиот свет. Но мораш да ги препознаеш оние вистинските. Ние во Јуниор НБА трошиме многу време во развојот, а тоа што знаете како оди онаа работа, ‘никој никогаш не е доволно добар’ “- посакува и Босвел идна соработка на релација КФСМ-Јуниор НБА.