Новиот натурализиран репрезентативец на Македонија, Џордан Теодор, утринава пристигна во Скопје. По неколку часа поминати во нашиот главен град, тој замина за Маврово каде ќе му се приклучи на националниот тим на подготовките. Со неговото пристигнување, сениорската репрезентација во Маврово е комплетирана, иако селекторот Јорданчо Давитков не го исклучува приклучувањето на уште неколку кошаркари (доколку е тоа потребно) каков што беше случајот со Чековски и со Тасовски.
Теодор од денес е македонски државјнанин и ќе ги носи националните бои на својот грб – нешто за што тој во неколку наврати кажа дека е возбуден, бидејќи за него ова е прво искуство.
Навистина сум возбуден бидејќи ова е ново искуство за мене. Првпат добивам шанса да настапувам во национален тим и морам да признаам дека ги одбројував деновите до пристигнувањето овде и до приклучувањето кон тимот. Не знам многу за моите соиграчи, но имаме доволно време да се запознаеме. Мојот ’поголем брат’ Лестер Бо Мекејлеб ми беше огромна поддршка во последниот период, ми пренесе голем дел од искуството со македонската репрезентација и морам да признаам дека малку беше љубоморен (се смее). Знам дека играчите се прилично млади, го познавам само Перо Антиќ против кого сум играл во турското првенство. Отприлика го познавам менталитетот на играчите. По завршувањето на сезоната, која беше доста напорна и со збиен распоред, заминав на мал одмор, се видов со мојата фамилија и ги ’наполнив’ батериите за тоа што ни следи. За противниците за претквалификациите, знам дека ќе имаме и подготвителни натпревари со кои се надевам дека ќе влеземе во форма и дека ќе бидеме воиграни. За Бугарија настапува Ди Бост, кого го познавам, а како што слушнав Косово гради силен тим, таму игра уште еден мој пријател од Њу Џерси. Не смееме никого да потцениме на овие натпревари бидејќи се значајни за нас и за тоа што би следело понатаму. Сега ќе се обидам што побрзо да се аклиматизирам, да се ’поврзам’ со тимот и да продолжиме да напредуваме заедно. Верувам дека селекторот има план за сите нас, нам ни преостанува да дадеме сè од себе и да видиме кој каква улога ќе има на теренот. Нема да биде лесно, но знаете Рим не е изграден за еден ден! - истакна Џордан Теодор пред заминувањето за Маврово.
По подготовките во Маврово, сениорите ќе се вратат накратко в Скопје, а потоа ќе заминат за Словачка против која ќе одиграат пријателски двомеч. На 15. јули ни гостува селекцијата на Бугарија, а неколку дена подоцна (20. до 22. јули) ќе се одржи турнирот „Трофеј Македонија“. Потоа следи гостување во Бугарија како последен пријателски натпревар пред натпреварите од претквалификациите за СП 2019.