12.03.2018 Дјуана Тенис Бонер од денес и официјално стана државјанин на Република Македонија откако сите процедури за добивање на државјанство се завршени. Американската кошаркарка е трета натурализирана која ќе настапи во националниот дрес, покрај Криси Гивенс и Ешли Парис. Триесетгодишната Американка во своето полно резиме има титули од WNBA и огромно искуство на европско тло играјќи во ФИБА Евролига. Бонер ќе биде исклучително засилување во ноемврискиот прозорец кога нашата национална селекција во женска сениорска конкуренција ќе ги одигра двата последни натпревара во рамки на квалификацискиот циклус за Евробаскет 2019. Дјуана Бонер ќе биде денешен гостин на натпреварот помеѓу екипите на Вардар и Шкупи во женската конкуренција до 18 години. Натпреварот ќе се одигра во малата сала на „Кале“ со почеток во 18:00 часот.