Од пред неколку години прифатено е „правилото“ дека на завршниот турнир од државниот Куп треба да учествуваат најдобрите осум прволигашки екипи по првиот дел од шампионатот. Оттука, од четврток до сабота, во Гевгелија по неколку години, осум екипи ќе тргнат во битките за трофејот, кој од пред четири години го носи името на големата македонска кошаркарска легенда, Благоја Георгиевски Буштур.
Пласманот по првиот дел од регуларниот тек на првенството посака да во четвртфиналињата се сретнат ТФТ и Гостивар, кои воедно и го отвораат ова Куп издание со дуелот во 13:00 часот. Следен дуел на распоредот е Пелистер - Чаир 2030 од 15:30 часот. Организаторот на завршниот турнир, КК Кожув, го задржа правото како организатор да одбере термин во кој ќе настапи, па така гевгеличани ќе излезат на теренот против дебитантот за оваа сезона, и во Првата лига и во Купот - МКК Куманово во 18:00 часот. Дуелот на титаните, МЗТ Скопје Аеродром и Работнички ќе се одигра во последниот термин за четвртфиналниот ден - 20:30.
Соединет е ставот на сите учесници - фер плеј и добра игра од страна на сите
На прес-конференцијата која се одржа вчера, клубовите учесници ги искажаа своите ставови и очекувања за натпреварите што следат.
„Имаме само пријатни спомени од Куп-натпреварите. Токму тука успеавме да го освоиме првиот трофеј во нашата историја, па затоа се надеваме дека можеме да го повториме овој успех. Атмосферата во тимот е одлична, особено после победата над Работнички во првенството. Купот е натпреварување од најголемо значење за нас. Ќе одиме да се забавуваме, но се надеваме дека ќе успееме да донесеме уште еден трофеј за Тафталиџе“ - е ставот на екипата на ТФТ.
Нивниот противник, Гостивар, го потенцираше специфичниот карактер на ова натпреварување.
„Купот е специфичен. Минатиот пат ТФТ се пласираа како осми па го освоија, па сега сме ние во иста ситуација. Во секој Куп има по некое изненадување, па зошто и ние да не изненадиме“ - потенцира Љупчо Малинков.

Втората двојка - Пелистер - Чаир 2030 ја истакна меѓусебната почит и посака победа и пласман во 'вториот круг'.
„Одиме натпревар по натпревар, целосно сме фокусирани на дуелот со Чаир. Можам да кажам дека сериозно се подготвуваме за тој дуел, прво да покажеме многу подобра игра од она што го прикажавме на последниот дуел со Феникс. Јас генерално сум задоволен од она што го прикажавме на тој меч, секако имаше и работи што не ми се допаднаа, што на крајот пресудија да го загубиме тој дуел. Овие денови ќе работиме на отстранување на тие грешки и верувам дека ако одиграме како што знаеме ќе успееме да стигнеме до посакуваниот резултат против Чаир. Тогаш би оделе на победникот од дуелот МЗТ – Работнички и на тој меч би требале да го покажеме правецот во кој се движиме како екипа“ - истакна тренерот на битолчани.
Ерхан Рамадан, тренерот на Чаир 2030 посака пишување на нова клупска историја
„Веќе две години по ред сме дел од овој завршен турнир на Купот, така да влегуваме малку помотивирани на овој натпревар. Направивме и неколку измени во ростер, но сметам дека имавме доволно време да се подготвиме за овој натпревар. За Пелистер и не треба многу да се зборува – една од најорганизираните екипи. Докажано веќе неколку години дека се добра екипа, но и ние имаме наши планови и очекувам од нашата екипа да даде се од себе и да напишеме уште една наша историја. Очекувам пред се да биде фер и коректно и нека победи подобриот“ - потенцира тренерот на екипата од скопски Чаир.

Домаќинот на завршницата, КК Кожув најави победа и побара поддршка од нивниот шести играч - домашната публика.
Голема благодарност што Купот е во нашиот град Гевгелија. По долги години Кожув има осум играчи од градот и домашен тренер, а тоа е мотив плус за нас како клуб. Околу натпреварот со Куманово, сакам да посочам дека три седмици се мачиме со повредени играчи. До самиот натпревар нема да знаеме кој ќе игра, ама кој и да настапи ќе биде мотивиран и одиме на победа. Сакам да ја повикам нашата публика и шестиот играч „Фантоми“, бидејќи оваа сезона ја заслуживме поддршката. По една година се враќаме каде што Кожув припаѓа, меѓу најдобрите во мак-кошарката и на завршницата во Купот. Мотивирани сме и ќе дадеме сè од себе за нашиот тим и град“ - истакна Апостоли Апостолов.
Дебитантот во лигата и во ова натпреварување ја предаде фаворитската улога на другите екипи, но од таборот на МКК Куманово истакнаа дека нема да се предадат предвреме.
„Посебно задоволство за нас е бидејќи МКК Куманово првпат е на Купот и ќе бидеме дел од елитата на мак-кошарката. Ќе гледаме да придонесеме да се крене кошарката на повисоко ниво со максимално залагање. Како дебитанти, фаворитската улога ќе им ја препуштиме на другите клубови, ама тоа не значи дека ќе се предадеме и покрај кадровските проблеми. Куманово на секој натпревар настапува максимално и им посакувам на сите добри настапи и да мине без повреди овој турнир“ - потенцираше Докузовски.

Бранителот на ланскиот трофеј, МЗТ Скопје Аеродром, влегува со јасна цел - чекор по чекор, натпревар по натпревар, да се освои уште еден трофеј.
„Доаѓаме повторно на завршницата од Купот како бранители на трофејот. Ова е едно специфично натпреварување во кое ние сме најтрофејни како клуб и повторно наша цел ќе биде да го одбраниме трофејот односно да го освоиме. Знаеме дека имаме три препреки до освојување на нашата цел меѓутоа на минатите изданија на Купот низ годините докажавме дека можеме да биде на она посакувано ниво со кое би стигнале до конечниот успех. Како и секогаш ќе одиме од натпревар во натпревар. Моментално мислиме само на нашиот прв следен предизвик, а тоа е екипата на Работнички. Тоа е едно доста добра шутерска екипа којшто добро ја познаваме и со која веќе двапати се сретнавме во текот на оваа сезона. Двапати победивме, но тоа во овој момент не значи ништо. Ова е една сосема нова, сосема друга приказна и мораме да бидеме максимално концентрирани во текот на сите 40 минути и да имаме добар пристап и да се бориме за секоја топка за секој посед. Само така би обезбедиле место во полуфиналето. Лично посакувам на сите натпревари да биде презентирана една убава кошарка и да се помине во фер и спортска атмосфера.“ - повика на фер игра асистент-тренерот на бранителот на трофејот Тино Даневски.
Нивниот противник во четвртфиналниот дуел е вечниот скопски ривал - Работнички. Од црвено-белиот табор желбите и целите се јасни - нов трофеј од Купот во клупските витрини.
„Ќе бидам краток – ние сме максимално подготвени за Куп-натпреварувањето и дојдовме со една цел – да го освоиме.“ – дециден е Самарџиев.


КОШАРКАРСКИ КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ БУШТУР“- МАЖИ
ДОСЕГАШНИ ОСВОЈУВАЧИ И ФИНАЛИСТИ
(година на одржување, град, шампион - вицешампион)
1993 година (прв по осамостојување), Кочани, Годел Работнички – Кочани Деликатес
1994 година, Гостивар: Годел Работнички – МЗТ Хепос
1995 година, Скопје: Деликатес – МЗТ Хепос
1996 година, Скопје: МЗТ Скопје – Годел Работнички
1997 година, Радовиш: МЗТ Скопје – Тиквеш
1998 година, Кавадарци: Годел Работнички – Орка
1999 година, Кавадарци: МЗТ БОС Скопје – Никол Ферт
2000 година, Скопје: МЗТ Скопје – Годел Работнички
2001 година, Охрид: Никол Ферт – Работнички
2002 година, Охрид: Никол Ферт – Фершпед Работнички
2003 година, Скопје: Фершпед Работнички – МЗТ Аеродром 2000
2004 година, Скопје: Фершпед Работнички – Неметали Огражден
2005 година, Скопје: Фершпед Работнички – Вардар Осигурување
2006 година, Струмица: Фершпед Работнички – Вардар Осигурување
2007 година, Битола: Вардар Осигурување – Струмица 2005
2008 година, Кавадарци: Фени Индустри – Струмица 2005
2009 година, Охрид: Амак СП – Свислион Пелистер
2010 година, Виница: Фени Индустри – Торус
2011 година, Скопје: Работнички – МЗТ Аеродром
2012 година, Скопје: МЗТ Аеродром – Фени Индустри
2013 година, Скопје: МЗТ Аеродром – Куманово 2009
2014 година, Охрид: МЗТ Аеродром – Лирија
2015 година, Скопје: Работнички – Кожув
2016 година, Гевгелија: МЗТ Аеродром – Карпош Соколи
2017 година, Кавадарци: Карпош Соколи – Фени Индустри
2018 година, Кавадарци: МЗТ Аеродром – Работнички
2019 година, Гевгелија: Работнички – Блокотехна
2020 година, Купот не е одржан
2021 година, Скопје: МЗТ Скопје Аеродром - Работнички
2022 година, Скопје: ТФТ – МЗТ Скопје Аеродром
2023 година, Скопје: МЗТ Скопје Аеродром – Феникс 2010
2024 година, Битола: МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер