Министерството за спорт и Владата на Република Македонија одржаа свечена церемонија на која беа доделени Национални признанија на најуспешните македонски спортисти.
Министерот Борко Ристовски и премиерот Христијан Мицкоски им дадоа признанија на повеќе спортски имиња кои оставија или оставаат трага во македонскиот спорт.
Меѓу наградените се перјаниците на македонската кошарка, Петар Наумоски и Перо Антиќ, фудбалските легенди Горан Пандев, Дарко Панчев, Илија Најдоски, а од ракометот тоа се Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов, Владо Недановски, Петар Ангелов, Марко Кизиќ, Марко Мишевски, Елена Ѓоргиевска, Гордана Нацева, Мирјана Чупиќ, Милева Велкова, Анжела Платон, Лариса Кисељова, Елена Златановска Муратовска и Клара Боева.

„Денес, овде, ја исправуваме државата пред нејзините најгорди амбасадори-спортистите што со години наназад ја носеа Македонија во срцето и на грбот, на терените, арените и подиумите ширум светот.
Доделувањето на национални признанија за врвни достигнувања во спортот е повеќе од формалност. Тоа е чин на длабока, искрена и заслужена почит. Признавање на животен подвиг.
На луѓе кои не барале ништо, а дадоа сè.
Луѓе што ги претворија соништата во резултати, а резултатите во национална гордост.
Со оваа одлука, државата воспоставува нов принцип-дека врвниот спортски успех мора да се вреднува не само во моменти на еуфорија, туку и во текот на цел живот.
Токму затоа овие признанија се доживотни. Тоа е конкретен израз на почит и благодарност, а не симболика.
Драги пријатели,
Не го правиме ова од куртоазија, туку од силно убедување. Од уверување дека државата која не ги цени своите херои, полека ја губи и својата душа. Државата не смее и нема да го заборави никого којшто донел слава и чест, и ја промовирале истата.
Овие 22 признанија се само почеток.
Почеток на една нова политика, нов систем на вредности, во кој спортот не е само натпревар, туку образец. Затоа што, ако спортот нè научи нешто, тоа е дека ништо не доаѓа преку ноќ. Дека успесите се плод на долги и тешки патеки.
И токму затоа, денес сме овде-да ја исправиме државата пред оние што одамна ја заслужиле оваа чест. Истовремено, ова признание не е само награда за минатото, туку и порака за иднината. За сите млади таленти кои денес се на животен крстопат!
Кои се прашуваат дали вреди да се жртвуваат, да го дадат целото свое време, енергија и срце за спортот и за својата татковина. Со оваа награда, им подаваме рака и им порачуваме: Македонија ќе биде тука за вас.
Ќе ве препознае, ќе ве поддржи и во рамките на своите можност ќе ви се оддолжи-токму како што денес им се оддолжуваме на оние кои веќе го испишаа своето име со златни букви.
Почитувани добитници,
Во ваше име се интонирани химни, развеале знамиња, испишани спомени што ќе траат вечно. Денес, се обидуваме преку овој скромен настан да вратиме со достоинство.
Со признание што ќе остане-како траен белег за траен придонес.
Ќе продолжиме да вложуваме во спортот, во рамките на своите можности.
Да градиме услови, но уште поважно-да градиме систем на вреднување, каде што успехот нема да се заборави, а вложениот труд ќе се враќа со почит.
Од мое име и од името на Владата, Ви честитам.
Да живее спортот и бог да ја благослови Македонија.

Во името на спортските великани пред присутните, говореше Петар Наумоски:
„Во мое име, и во името на сите останати шампиони кои ја имаа честа да ја примат оваа спортска пензија, сакам да изразам искрена благодарност, и длабока почит, како за инцијативата од страна на Министерот Борко Ристовски, така и на разбирањата и целосната поддршка од страна на Владата на РМ, предводена од Премиерот Христијан Мицкоски за донесување на овој значаен закон.
Особена благодарност упатувам до Министерот за спорт, кој покажа слух, визија, и вистинско разбирање за тоа што значи спортот во изградбата на еден здрав систем на едно општество. Со овој закон конечно се препозна вистинската вредност на спортот, како двигател на мотивацијата националниот идентитет и гордоста на еден народ.
Спортистите се амбасадори на една држава, инспирација за младите, и доказ дека со дисциплина, упорност и труд може да се стигне до највисоките височини.
Особено ме радува што со овој закон, се поставува и еден нов систем на вредности кои недостасуваа на нашата заедница, бидејќи создавањето на спортски идоли е од големо значење. Тие се вистински пример за младите, покажувајќи им дека сонот е достижен, а државата се грижи и ги вреднува таквите успеси. Сметам дека, не само во спортот, туку и во другите сфери на нашето општество, треба да се следи истиот пат, на вредност и поддршка. Уште еднаш изразувам голема благодарност“ – се заблагодари на честа, нашата легенда.