Кошаркарите и кошаркарките, сегашни и поранешни, тренери, судии и кошаркарските работници го одбраа најдоброто од македонската кошарка за 2017 година.
Анета Глигорова, која го ’собра’ признанието за најдобар тренер на женска екипа во младински категории како тренер на Бадел 1862 им се заблагодари на своите избранички.
„Без нив ниту ќе ги освоев шампионските титули за изминатата сезона, ниту ќе бев каде што сум. Ви благодарам за довербата!“ - кратко и јасно изјави Глигорова, проследена од Љупчо Павловски кој ги прими наградите за најдобар женски клуб во младински и во сениорски категории.
Бранко Андриевски минатата сезона го симна Бадел 1862 од тронот во државниот Куп и тој успех беше паепознат од неговите колеги и соработници па беше награден со признанието за најдобар тренер на женска сениорска екипа.
„Ви се заблагодарувам на ова признание, но морам да потенцирам дека мојот колега и драг соработник Дарко Крстиќ и најзаслужен за успехот. Тој мораше да отсуствува од клупата и јас ја имав таа среќа да го предводам Вардар до трофејот. Нему му ја посветувам оваа награда“ - Скромен беше Андриевски.
Јелена Антиќ, која го собра признанието за најдобра кошаркарка, Тијана Митрева, која беше прогласена за најдобра млада кошаркарка и Дамјан Крстевски кој доби признание за најдобар млад кошаркар имаа заеднички став - ова признание нека биде мотив за што повеќе успеси во иднина.
Денис Дервишевиќ му го посвети признанието за најдобар тренер во машка младинска екипа на својот покоен татко додека Видоја Секуловски кој го подигна признанието во името на МЗТ Скопје Аеродром како најдобар клуб, призна дека актуелниот шампион и во иднина нема да се откаже од титулата во домашното првенство така лесно. МЗТ Скопје Аеродром не успеа да го одбрани трофејот од Купот, а тренерот на екипата која го спречи во таа намера односно елиминира во полуфиналето, Љупчо Малинков се закити со признанието за најдобар тренер за 2017. Дарко Радуловиќ го подигна признанието за најуспешен тим во младински категории - Вардар додека уште еден ’вардарец’ доби признание, овој пат во улогата на Спортски директор на Специјалната Олимпијада на Македонија - Дарко Крстиќ. Арбитарот со FIBA значка, кој оваа календарска година заокружува 20 години вршење на оваа улога, Алија Феревски се закити со признанието за најдобар судија за 2017 година.
„Ова е прво мое признание и верувајте многу посебно. Оваа година заокружувам 20 години како кошаркарски судија. Чудно ми е што зборувам и имам малку трема бидејќи ние судиите треба најмалку да зборуваме (низ смеа). Еден мој поранешен колега и сега пензиониран судија во една прилика ми кажа - ќе знаеш дека си добар судија која на 20 минути поред почеток на натпревар ќе влезеш во сала и сите ќе речат - добро ќе биде, Алија суди!“ кратко се обрати Феревски.
Македонската кошаркарска федерација на сите добитници им ги честита признанијата и им посакува што поуспешна 2018 година.