17.01.2022

Се боревме, се надевавме, на крајот и го реализиравме тоа, Македонија да биде дел и од оние светски квалификации, да играме на Мундобаскетот

Долго време чекавме, сега го реализиравме, светските квалификации како привилегија плус!

Долго време чекавме, се боревме, се надевавме, на крајот и го реализиравме тој момент. Македонија да биде дел и од оние светски квалификации.

Односно да бидеме дел од најелитната светска дивизија на репрезентации кои преку три „прозорци“ ќе бараат уште еден исчекор понапред, односно место на Светскиот Куп кој во 2023 година ќе се игра во три земји, Јапонија, Индонезија и Филипини.

ФИБА го препозна организацискиот капацитет на федерацијата. И летоска, освен оние „Челенџери“, замени за младинските Европски првенства, добивме можност да одиме и еден чекор понапред, со организација на претквалификациите да дојдеме до она што одамна го посакувавме.

За прв пат да бидеме учесници во светските квалификации. Шансата ја искористивме, на тој начин што го освоивме првото место во квалификациската група, во Скопје бевме пред Швајцарија и Словачка.

Заслужено, за прв пат во постоењето, нашата машка сениорска репрезентација игра во светските квалификации. Има простор низ овие квалификации да дојде до еден резултат кој би бил најголемиот во нашата историја на кошаркарско битисување.

Што вели календарот за 2022 година во овој сегмент?

Дека по оние две игри против Шпанија дома, и Украина на гости, следни на ред се мечевите со Грузија, особено важни за реализација на амбициите. Односно „билдање“ на ФИБА рејтингот кој сега вели дека имаме напредок на ранкинг-листата кој можеме да го поправиме во периодот кој следува. И кој ни носи уште два натпревари од највисокото репрезентативно ниво, оние возвратните, против Шпанија и Украина.

Но 4. јули, кога се затвора првата фаза од квалфикациите за СК 2023, нема да биде и крајот на она што со себе го носи оваа календарска година за нашите најдобри кошаркари.

Самиот пласман во светските квалификации, донесе уште еден, екстра бонус, уште една голема привилегија. Да имаме обезбеден директен пласман во квалификациите за наредниот Евробаскет, оној кој според ФИБА календарот треба да се одигра во 2025 година.

Директно кажано уште шест натпревари на највисоко европско ниво, преку кои, како што тоа и го најави селекторот Драган Бајиќ, ќе се обидеме да се вратиме во групата на национални тимови – учесници на едно големо натпреварување, како што несомнено е Европското првенство.

Претходно, ќе пробаме да одиме уште повисоко, да бидеме и во светскиот кошаркарски крем...