На денешната прес-конференција, Кошаркарската Федерација официјално го промовира новиот селектор на машката сениорска репрезентација.
Станува збор за добро познат стратег, актуелен тренер на кошаркарскиот колектив Игокеа. Бајиќ ја презема селекторската палка од Александар Тодоров со кого нашите сениори се надигруваа во квалификациите за Евробаскет 2022.
„Првин би сакал да ве поздравам и да ви се заблагодарам вам што се појавивте во олкав број, отсекогаш сум имал одлична комуникација со претставниците на медиумите. Огромна благодарност и до челниците на Федерацијата за довербата да бидам на оваа функција. За секој тренер е чест да се биде селектор на една репрезентација, а јас ја имам честа да станам селектор на Македонија. Мило ми е што луѓе како Антиќ и Гечевски кои како играчи имале врвни тренери, одлучија да ме изберат мене за нов селектор. Имам доста голема енергија и желба да направиме добра работа заедно. Би сакал да останам десет години. Рано е да се зборува за детали, но сите играчи ќе добијат шанса да играат и ќе се обидеме од секој да го извлечеме најдоброто и да бидеме најдобри што можеме. Како тренер барам да бидеме како семејство и да дишеме како еден, бидејќи само тоа е патот кон успехот.“ – се првите зборови на Драган Бајиќ откако официјално ја презема функцијата селектор.
Првиот официјален предизвик за новиот селектор се втората рунда од претквалификациите за Светското Првенство 2023, закажани за претстојниот месец август.