04.07.2022

„Дел од играчите имаат повеќе минутажа во репрезентацијата отколку во клубовите, тоа е голем проблем за македонската кошарка“

Драган Бајиќ по средбата со Украина: „ Горд сум на оваа група на момци и што имав шанса да ги тренирам“

По завршувањето на средбата со Украина, во која загубивме (73:68) во доста добра игра, селекторот Драган Бајиќ искажа зборови на задоволство од прикажаното, ообено во овие финални 40.минути од квалификациската трка за место кое води на Мундобаскетот

„И честитам на Украина за победата и би сакал да и се заблагодарам на публиката која дојде да нè бодри. Примивме многу поени во првиот дел, дури 35. Беа шутерски расположени, а ние влеговме премеко и пребавно во натпреварот.

Бевме хендикепирани на високите позиции и бевме принудени на алтернативни решенија. Имаат доста искусни играчи кои знаеја да го казнат тоа што ние игравме и со помала енергија. Се вративме во играта со повеќе енергија во втората четвртина и намаливме на минус десет. Во второто полувреме излеговме со повеќе самодоверба и успеавме да го покажеме нашиот карактер. Неколку нереализирани зицери, слободни фрлања не уназадија и изгубивме концентрација. Имавме неколку важни напади кои одлучив да ги наметнам, да им ги дадам на помладите играчи да ги преземат, да се соочат со тоа како се игра во минути кога се одлучува натпреварот.

На крајот на денот морам да бидам задоволен со овој натпревар особено со оглед на тоа дека патувавме од Шпанија и имавме еден тренинг, покрај фактот дека на ниту еден собир не бевме комплетни и не можевме во целост да ја демонстрираме нашата моќ.

Горд сум на оваа група на момци и што имав шанса да ги тренирам. Дел од играчите имаат повеќе минутажа во репрезентацијата отколку во клубовите“ - анализираше селекторот по затворањето на светските квалификации.