31.08.2021

Ждрепката во Мие, „во живо“ ја испрати селекторот на нашата сениорска репрезентација, Драган Бајиќ.

Драган Бајиќ по ждрепката: „Повеќе сакам противниците да размислуваат за нас, отколку ние за нив“!

Драган Бајиќ, селекторот на нашиот сениорски национален тим  присуствуваше на церемонијалот на одредување на квалификациските групи по кој Македонија за противници ги доби националните репрезентации на Шпанија, Грузија и Украина.

„Добивме група која не изгледа како атрактивна, но не е ниту лесна“- е првиот коментар на нашиот селектор по дознавањето на противниците во квалификациите за СК 2023. „Но мојата тренерска филозофија вели дека повеќе сакам противниците да размислуваат за нас, отколку ние за нив. Така е и овојпат. Во разговорите со колегите кои се тука во Женева, дознав дека се вложува многу. И во Грузија, и особено во Украина, тоа се сериозни селекции, за шпанската не сакам да дискутирам. Но во мојот речник не постои зборот предавање“.

Селекторот вели дека овие најмалку шест натпревари се всушност продолжение на планираните активности откако дојде на кормилото на нашиот сениорски национален тим.

„Јасна е визијата, сакаме низ овие натпревари да им дадеме уште поголем прилика на помладите. Верувајте во секој прозорец тоа ќе биде и видливо. Овие мечеви би биле само континутитет на реализација на плановите. Искрено се надевам дека во наредниот циклус ќе ги имаме на располагање и играчите кои не беа во можност да бидат дел од селекцијата, пто не бепе слушај овој месец. И сите заедно да уживаме и да напредуваме низ овие квалификациски натпревари. Се надевам дека зад нас ќе останат проблемите со короната, дека ќе се врати оној стар систем на натпреварување. Дека публиката ќе се врати во салите, без тоа е сосема поинаку“- вели селекторот.

Првопласираните три селекции од оваа, и останатите групи од квалификациите, преминуваат во наредната во која се формираат четири нови групи во кои најдобрите три, или вкупно 12 репрезентации од Стариот континент, ќе обезбедат пласман на завршниот турнир во Индонезија, Јапонија и Филипини во 2023 година.

Впечаток е дека Македонија може да се бори за место во првите три кои продолжуваат понатаму низ квалификациите?

„Не би одел така далеку со прогнозите. Имаме простор пред нас кој треба да го искористиме, пред се, да се екипираме. Одиме чекор по чекор ‘прозорец’ по ‘прозорец’. Да им посветиме уште поголемо внимание на помладите репрезентативци. И некоја наша цел во иднина да биде пласман на Евробаскетот. Дојдовме до шанса да играме на едно повисоко нивно, на нас ќе биде да ја искористиме и да напредуваме. Нема никаков натпреварувачки притисок пред нас. Сакам да бидеме компактни, и со секој одигран натпревар во квалификациите да бидеме подобри и подобри. Но во исто време и да го продолжиме процесот на подмладување. Во секој ‘прозорец’ да имаме по некое ‘ново име’, тоа треба да биде водич низ квалификациите“- додава Бајиќ.