Селекторот на македонската репрезентација Драган Бајиќ се обидува да го тргне притисокот од кошаркарите пред почетокот на квалификациите за Светското првенство и дуелот против Шпанија на домашен терен.
Противникот не доаѓа со најсилниот состав Во Скопје, бидејќи главните играчи настапуваат во НБА и Евролигата. Но и оние што ќе играат се доволни квалитетни за да ја имаат фаворитската улога.
За Македонија ова ќе биде прв натпревар во квалификации за Светско првенство и Бајиќ очекува максимално залагање од сите.
„Среќен сум што имам шанса да работам со овие момци и да тргнеме во овие квалификации против светски првак како Шпанија. Имавме доста проблеми во претквалификациите, минавме со доста проблеми, останавме без некои играчи. Списокот беше поширок, но го скратив на 15 играчи, но уште во првиот ден останав без три играчи“.
Селекторот образложи, односно ги тргна сите дилеми околу ростерот со кој (ќе) располага за ноемврискиот „прозорец“ на ФИБА.
„Лејсон Зекири не се јави на повикот. Младеновски дојде на собирот, но имаше проблеми со вирус, па голем е ризикот да го впуштиме во овој натпревар, затоа што може да ја зарази екипата. Стојан Ѓуроски исто така дојде, почувствува болки во мускулот. Ги направивме сите прегледи и тој исто така нема да помогне. Тука сигурно ни недостасуваат пет играчи, кога ќе видиме дека ги немаме Војдан Стојановски, Димитријевиќ и Јакимовски. Тие да беа тука, можеби ќе го почнеа натпреварот против Шпанија. Мора што добро да се подготвиме за овој натпревар“.
Бајиќ вели дека не е потребна посебна мотивација за вакви натпревари
„Не треба јас да ги мотивирам за Шпанија, туку тие самите. Кошаркарите знаат како треба да се однесуваат кон овој дрес. Без разлика во кој состав доаѓа, Шпанија е силен тим. Тука е и селекторот Скариоло. Но, како што кажав претходно, сум победувал посилни со послаби тимови. Влегуваме во овој дуел со самодоверба. Не смееме да губиме многу топки, да ја сопреме транзицијата на противникот и да играме меч со малку поспор ритам“.
Селекторот нема никакви резултатски императиви пред себе, и тимот кој го води.
„Сум имал шанси да играм против шпански тимови со клубови, се работи за еден систем на кошарка кој бара доста работа и влог за да се победи. Мора да ја играме нашата игра, за да се адаптираме на мечот кој следи. Немам притисок за резултатот, целта од моето доаѓање е да ја подмладам оваа репрезентација и да создадам тим кој во иднина ќе игра на Европско, а зошто да не, и на Светско првенство“ - изјави Бајиќ на прес конференцијата во конгреслата сала на СЦ „Јане Сандански“, каде во петок навечер од 19.30 часот ќе играме против актуелниот светски првак.