02.03.2017

Драган Раца е разрешен од функцијата, Марјан Илиевски нема да биде нов селектор

Тренерот Драган Раца повеќе нема да има можност да го води македонскиот национален состав откако денес беше разрешен од оваа функција на редовната седница на Управниот одбор при Македонската кошаркарска федерација. Раца беше именуван минатата година, договорот беше со времетраење од ’една плус една години’ со тоа што втората е условена доколку се обезбеди пласман на континенталното првенство. Поради неуспехот да ја оствари таа цел, Драган Раца е разрешен од функцијата.

„Знаеме дека неговиот договор беше обврзан со успешен пласман на Европското првенство. По неуспехот да се исполни таа цел, во разговор со претседателот на МКФ, ние членовите на Стручниот совет дадовме предлог да се разреши од таа функција и на негово место да се назначи нов “ – истакна Марјан Лазовски, претседателот на Стручниот Совет при МКФ.


 

Претседателот на МКФ, Петар Наумоски, со желба да остане транспарентен кон сите членови на Управниот одбор, но и воедно да ги демантира дел од писанијата на медиумите побара дополнително време за именување на предводник на сениорската репрезентација.
 

„Кога станува збор за тренер кој не е Македонец, се разговараше со тројца тренери. Тоа беа Стеван Караџиќ, Саша Обрадовиќ и Александар Трифуновиќ. Заклучокот кај нив беше дека ангажманот од два месеци би бил преголем односно дека предолго би отсуствувале од фамилиите. Потоа целосно се насочивме кон македонските тренери.

Начелно не е постигнат договор со ниту еден тренер, но имаме многу опции. Сашо Филиповски беше прв пик, тоа можем да го кажам, но морам да демантирам дека тој не добил потврдна информација од нас околу селекторската позиција. Тој се заблагодари на понудата, но искрено кажа дека сè уште не размислува да седи на две позиции односно дека сака да се фокусира на клупските обврски. Кога ќе биде подготвен за репрезентативна обврска, доколку понудата сè уште важи тој би се јавил.

Дојдовме до три имиња за тренер кој ќе ја води „А“ репрезентацијата. За нивна финална селекција, важно ни беше да имаат и одлична хемија со играчите. Тие три имиња, како што веќе знаете, се Марјан Илиевски, Љупчо Малинков и Александар Јончевски. Во последен момент се случи да ’не ја изградиме куќата’. Ги имаме темелите, но останавме без кров и поради тоа бараме дополнителни денови.

Сè беше договорено – и соработка (со Марјан Илиевски) и финансии меѓутоа не се договори соработката со уште еден човек кој требаше да биде дел од стручниот штаб. Тука застанаа преговорите со него. Секоја одлука донесена денес би била избрзана, поради тоа бараме дополнително време“ – објасни претседателот на Македонската кошаркарска федерација.