Нималку лесна задача ќе имаат кошаркарите на Куманово и на ТФТ во новата сезона од БИБЛ лигата. Барем така вели распоредот на натпреварите кој го исфрли менаџментот на ова натпреварување.
Потврдено е дека во почетниот период од натпреварите (стартот во оној „балкански“ сегмент е предвиден за 20. октомври), екипите кои доаѓаат од иста земја (ги има три), заради оневозможен транспорт во другите, да ги одиграат оние два меѓусебни натпревари кои се предвидени во системот за натпреварување.
Согласно со тоа, а и поради актуелната здравствена слика која ја креира пандемијата од Ковид-19, и не е баш поволна на Балканот, Куманово и ТФТ ќе го одиграат својот меч на 27. октомври, односно седум дена подоцна од предвиденото.
Од БИБЛ ставија знак „отворено“ кога би се одиграл вториот меѓусебен дуел на македонските претставници, иако најреално е тоа да биде седум дена подоцна.
Проблем, за Куманово и за ТФТ, но и за другите четири екипи би требало да претставуваат „двојните гостувања“ кои се предвидени во официјалниот календар. Подобро кажано, БИБЛ сака да го искористи секое „излегување“ на тимовите од матичната држава, за екипите да одиграат по два меча во два дена на секое гостување. Или пак, екипа која важи за домаќин, во два (евентуално три дена), одигра по два натпревари со некоја од другите држави.
На пример, на 15 декември, екипата на ТФТ треба да гостува Црна Гора. Прво во Рожаје, да го игра мечот со домаќинот Ибар, а веќе наредниот ден се сели во Тиват, каде треба да игра меч против екипата на Теодо.
Претходно, на 3. ноември, ТФТ ќе биде домаќин на екипата на Берое, додека ден подоцна, на 4. ноември, „зелено-белите“ од Стара Загора ќе треба да играат и против Куманово.
Моменти кои дополнително го усложнуваат распоредот во ова натпреварување каде синоќа стартуваше оној „израелски“ дел.
Се одиграа четири натпревари во четирите групи.
Во групата „А“, Хапоел Ерусалим како гостин беше подобар од Макаби Ришон ЛеЗион (103:96), а Хапоел Галил Гилбоа од Макаби Хаифа (92:81) во првиот меч од групата „Б“.
Во групата „Ц“, Хапоел Холон убедливо го доби Ирони Нес Зиона на гостински паркет (94:73), а гостинска победа однесе и Бнеи Херцлија кај Хапоел Хаифа (90:71).