12.05.2020

Сезоната во турската Супер Лига заврши без прогласување на шампион

Ефес и Фенербахче по откажувањето на сезоната во Турција: Здравјето е поважно од шампионатот!

Водечките клубови во Турција, Фенербахче и Анадолу Ефес реагираа на одлуката на турската федерација да го откаже остатокот од Супер Лигата 2019-2020, потенцирајќи дека здравјето на секој инволвиран е поважно од која било крајна цел.

„Нашиот клуб ја почитува оваа одлука донесена за заштита на здравјето и безбедноста на спортистите, тренерите, службениците и навивачите. За Анадолу Ефес, здравјето на нашиот народ е повредно од сите првенства и достигнувања“- изјавија од Ефес, екипата која беше на врвот на табелата во БСЛ, и можеби најголемиот фаворит за освојување на шампионската титула.

Свој став имаат и раководните луѓе на Фенербахче, од каде напоменаа дека:

„Ја поздравуваме оваа одлука што е во согласност со агендата на нашиот клуб, која вели дека човековото здравје е поважно од првенствата, трофеите и сè друго“.

Во моментот на прекинот на натпреварувањето во Супер Лигата на Турција, тимот на тренерот Жељко Обрадовиќ беше четвртти на табелата со ефект (17-5).

Претходно ова натпреварување беше и последното во Европа што беше прекинато. Тоа се случи на 19 март.

И  додека сезоната во Турција заврши, Ефес и Фенербахче сега чекаат да видат дали продолжува Евролигата. Организацијата се очекува да донесе конечна одлука дали ќе се одигра финална фаза (шесте преостанати натпревари од редовна сезона и осминафинален турнир) во наредните денови.