13.03.2020

Ефтим Богоев го живее американскиот сон: Во животот никогаш не знаете кој може да ви биде потребен, или да ви се најде при рака!

Во 2016 година, после 20 години активно играње кошарка, Ефтим Богоев одлучи, макар и неофицијално, да се пензионира. Во текот на истото лето Богоев се пресели во САД, поточно во Атланта од каде му дојде следниот животен предизвик - да биде дел од ТСФ (Фабрика на таленти) на барање на неговиот пријател Џеремаја Босвел кој воедно е еден од основачите.

Како дојде до таа конекција е првото прашање за Богоев?

 

„Пред да го објаснам тоа, воедно нека биде мој личен совет до сите помлади генерации воопшто: “Една од најважните работи се дружењето, комуницирањето, остварување на контакти, пријателства и одржување на истите, затоа што во животот никогаш не знаете кој може да ви биде потребен или да ви се најде при рака. Не е важно колку знаете туку кој знает“'. Сега да се надоврзам, Џеремаја и е познат на нашата јавност по тоа што играше во Струмица и Торус СЦБТ од Скопје. Струмица е мој роден град, па од тука е и конекцијата. Плус, имавме доста дуели на кошаркарските терени. Пред да се преселам, јас на неколку наврати го посетував во Атланта. Доста време се дружевме, а воедно волонтирав при организирање на кампови и одржување на индивидуални тренинзи. На Џеремаја му се допадна мојата работна етика, професионализам, ентузијазам и пасија што ја имам кон кошарката, и ми понуди да работам за ТСФ“.

Што е всушност ТСФ?

 

„Toa е спортска развојна организација, специјализирана за високo квалитетни тренинзи и подобрување на вештините на сите нивоа, и за сите возрасти: kids, pro, college и NBA . Значи тука се вбројува индивидуално или „1 на 1“ подготвување на играчи на терен, теретана, јога... зависи од пакетот. Исто така има пост дипломска „post grad“ програма, која е една од топ 10 програми во САД. „Post grad“ програма е платена програма и опфаќа деца на возраст од 17-19 години кои сакаат да обезбедат стипендии за колеџ. Сите играчи се сместени во апартмани, имаат три оброка на ден, четири часа тренинг на ден (терен, теретана, јога, регенерација, ‘ладна бања’), опрема, превоз, играат 35 натпревари на кои присуствуваат голем број на Д1, Д2, Д3, ЈУЦО, НАИА тренери, видео материјал за секој играч (снимки и цели натпревари). Да ја спомнам и „PreDraft“ програмата која ја воведовме во последните две години, а е за колеџ играчи кои се подготвуваат за драфт и за летната лига и трае два месеца. На крај организираме PreDraft ден на кој се присутни 30 скаути од НБА. Може да кажам дека речиси сите играчи сега се наоѓаат или во тимови во „Г“ лигата, или пак во НБА. Ги има доста, како Давонте Какок, Теренс Ман, Брyс Браун, Бери Браун, Дахуан Џефрис, Још Ревс, Џален Лек и многу други. Јас сум дел од сите програми, работам како индивидуален ‘skill develope’ тренер со Pro и НБА играчи како: Шелвин Мак, Дерик Фаворс, Брандон Инграм, Вендел Картер, Џаред Џек, Вејн Шелдон, Ендрју Гаудлок, Теренс Ман, Џејмс Флоренс, Џон Џенкинс, Тео Маледон... Исто така работам како главен тренер на ‘ТСФ Глобал Пост Град’ екипата, и сум одговорен за регрутирање на играчи од Европа и цел свет“.

Како дел од тие работни обврски стигна и соработката со двајца млади македонски репрезентативни кошаркари?

 

„Последните две години регрутирав двајца младински реперезентативци на Македонија, Димитар Пандев и Валмир Какруки. Воедно благодарност до КФСМ која ми помогна во регрутирањето на Какруки и уште еднаш ги потврди добрите релации со ‘ТСФ’ кои ќе продолжат и во иднина.

Учествуваме на доста турнири каде играчите добиваат голема афирмација и промоција која им помага во добивање на комплетни стипендии за колеџи. Оваа година веќе бевме на интернационален У18 турнир во Гран Канарија со екипи како Гран Канарија, Естудијантес, Тенерифе и го освоивме првото место, а јас и мојот колега Роб Џонсон, со кој одлично се надополнуваме, бевме избрани за најдобри тренери. Претходно учествувавме и на уште еден турнир во Прага каде за противници ги имавме Барселона, Валенсија и уште некои екипи кои се 'кремот' на Европа“.

Значи, Богоев е комплетно посветен на работата во ТСФ?

 

„Како што гледате тотално сум посветен на мојата најголема љубов и пасија кошарката и гравитирам кон остварување на моите цели. Голема благодарност за интервјуто и се надевам мојата приказна ќе биде инспирација за многу млади да се упорни и трпеливи  при остварување на нивните цели и соништа“- вели на крајот некогашниот репрезентативен плеј на Македонија.

А најзаслужниот што Ефтим Богоев ја турка својата четвртта сезона во Атланта, дефинитивно е Џеремаја Босвел. Човекот со кој Богоев има многу добри конекции, уште од времето кога американскиот бек живееше и „работеше“ во Струмица.  И сега се во една „непосредна близина“, во Атланта, во проектот „ТСФ“, односно „фабриката за таленти“, лоцирана токму во државата Џорџија?

 

„Ефтим е дел од Академијата ТСФ, каде е ангажиран како тренер. Мислам дека прави навистина чудесни работи во изминатиот период од како е дојден таму. Има за задача да го подигнува оној индивидуален квалитет на млади кошаркари кои се подготвуваат за она што ги чека во текот на кариерата. Во прв ред добро да се подготват за она што се нарекува драфт-избор во НБА лигата. Засега има навистина одлични резултати. Ефтим помага многу во тој процес на реализација на плановите во и околу академијата. Морам да кажам и тоа дека во изминатиот период во Атланта имаше и двајца млади македонски кошаркари кои ја посетуваа ТСФ Академијата и мислам дека задоволни ја напуштија затоа што тука ништо не се остава на случајноста“- појаснува Босвел за конекциите со Македонецот кој е интегрален дел од „Фабриката за таленти“ во Атланта.