Паузата која ја креираше играњето на завршниот дел од НБА лигата во „балонот“ во Орландо, кај најголем дел до клубовите во најсилната лига на светот, примора голем број на пред сè, слободни играчи да посветат уште поголемо внимание кон индивидуалната надградба.
„ТСФ“ како институција која си го најде своето место во кошаркарската индустрија во САД, го следи сето тоа со големо внимание.
А дел од таа условно кажано „машинерија“ е и нашиот стручњак, пред сè, за индивидуално усовршување, Ефтим Богоев.
Овие денови струмичанецот има „полни раце“ работа, затоа што кај него „дома“, во „ТСФ“ своите знаења од кошарката дојде да ги надгради никој друг туку - Дени Авдија.
Младиот Израелец со српско потекло (син на некогашниот југословенски ас, Зуфер Авдија), важи за најголем европски кошаркарски проспект, и како кошаркар кого, скоро извесно, го чека висока позиција на наредниот драфт во НБА лигата.
Според актуелниот момент, нема да биде никакво изненадување дури младиот израелски репрезентативец, и довчерашен играч на „Гордоста на Израел“, екипата на Макаби од Тел Авив, да биде и на онаа највисоката-првата.
„Секако, со самото тоа што Дени дојде да тренира кај нас, односно со мене и со Џеремаја Босвел, пред сè, е доказ повеќе за сета онаа посветеност која ја имаме во нашата работа во изминатиот период. Секако не би сакал сето тоа да биде протолкувано како некој вид на реклама, но навистина, ‘ТСФ’ како агенција нуди огромни можности за кошаркарска надградба. Помладиот Авдија го препозна сето тоа, дојде во Атланта, и еве нè, во нашата сала, на работа“ - потенцира Богоев.
Струмичанецот е подготвен да даде се од себе да го донесе својот познат клиент на највисокото место на претстојниот избор на најдобрите млади играчи во светот – драфтот во НБА лигата.
„Кога во салата се двајца момци од Балканот, тоа мора да е добитна комбинација. Секако, во наредните денови ќе се потрудиме Дени да го реализира својот сон. Наскоро да биде дел од НБА лигата. Според она што можам да го видам, да го почувствувам во неговите изведби на тренинзите, не сме далеку од тоа да дојде и до позицијата број 1. А верувајте ми, ако било кој клуб во НБА друштвото се одлучи за Дени Авдија, нема да погреши. Бидете уверени во тоа. Дени има се што треба да поседува еден врвен кошаркар“- порачува Ефтим од “градот на кока-колата“.