Три национални спортски федерации – кошаркарската, ракометната и одбојкарската федерација на Македонија потпишаа договори за соработка со Македонската радио телевизија (МРТ) со цел да се подигне квалитетот на македонските лиги во најмасовните спортови, но и генерално да се подигне нивото со поголема популаризација на спортот во нашата држава.
„Се работи за еден голем проект кој, народски кажано, чини многу пари, меѓутоа ние како министерство и како држава сме подготвени да го поддржиме заедно и во соработка со МРТ и со националните спортски федерации, а сѐ во интерес и за промоција на македонскиот спорт. Ова е прв чекор од она што треба да го направиме, прво за популаризација на македонскиот спорт, на македонските играчи, а во ист момент да помогнеме и со привлекување на што повеќе спонзори, затоа што не е исто кога она што го спонзорирате оди и на телевизија секоја недела или 2-3 пати во неделата. Од друга страна мислам дека треба да почнеме и македонските национални првенства да ги подигаме на што е можно повисоко ниво, младите македонски спиортисти да ги третираме на ниво на кое што треба да бидат третирани и да почнеме да создаваме нови спортски ѕвезди“ – рече министерот за спорт Борко Ристовски нагласувајќи дека овој проект ќе донесе повеќекратен бенефит.
„Нашиот интерес како Министерство за спорт е да има што повеќе спорт на телевизиските програми, да го промовираме македонскиот спорт, да ги промовираме младите македонски спортисти и на тој начин да привлечеме што е можно повеќе деца да почнат да се бават со спорт и на крај на денот, од сето ова да имаме не само спортски, туку и општествен бенефит“ – истакна Ристовски.
Потпретседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Младен Ѓуроски во проектот гледа шанса за враќање на младите на кошаркарските терени.
„Како кошаркарска федерација, ние овој договор го гледаме како можност за да инволвираме во кошарката што повеќе млади. Знаеме дека кошарката во последните години ни е во опаѓање и ова ќе го искористиме да ги вратиме младите на кошаркарските терени. Пред сѐ би сакал Првата кошаркарска лига да делува европски и светски“ – рече Ѓуроски.
Одговорниот уредник на МТВ1, Драган Николовски соопшти дека договорите на јавниот сервис со трите национални спортски федерации се однесува на проект кој ќе стартува од септември, и треба да трае четири сезони.
„Министерството за спорт на чело со министерот Борко Ристовски го препознаа моментот и изразија полна поддршка на идејата трите федерации – ракометната, кошаркарската и одбојкарската федерација на Македонија да влезат во едно партнерство на повисоко ниво со МРТ кадешто заеднички интерес на сите би била уште поголема афирмација и промоција на македонскиот спорт. Станува збор за еден проект кој што би траел четири сезони, до летото 2029 или во цел еден олимписки циклус во кој се надеваме дека како јавен сервис ќе помогнеме повеќе да се исопромовираат нови спортисти, нови имиња и најдоброто и најквалитетното од македонскиот спорт да стигне до што поголем дел од публиката. Во принцип, идејата е во секоја натпреварувачка сезона во наредните четири години на јавниот сервис, односно на спортско-забавниот канал МТВ3 да бидат емитувани најмалку 50 директни преноси од ракометното, од кошаркарското и од одбојкарското првенство. Ова би било на некој начин прво полувреме, на ист начин, иста или слична поддршка, во вториот дел на проектот ќе има за младинскиот спорт“ – посочи Николовски.