04.01.2021

Седми првенствен неуспех за Димитријевиќ и соиграчите, Валенсија се покажа како многу подобар противник во Бадалона (91:80)

„Ендеса“ лига:  Хувентуд ја почна новата година со пораз

Веднаш по новогодишните празници во „Ендеса“ лигата се играа натпреварите од 18. коло. А во првиот меч од новата, 2021 година, кошаркарите на Хувентуд го пречекаа евролигашот Валенсија.

И не поминаа добро „зелено-црните“ во првите 40.минути од новата година. Гостите стигнаа до убедлива победа (91:80), и ги поминаа на табелата во „Ендеса“ лигата.

Откако, изненадувачки, не влезе во игра во првата четвртина, Димитријевиќ одигра нецели четири минути во втората. Без никаков ефект, а неговиот тим беше во заостанување од осум поени (36:44).  

Во продолжението тотално се распадна играта на домашната екипа каде недостасуваше искусниот Пау Рибас. „Портокаловите“ го добија третиот период со скоро двојно поголеми (27:14), и стигнаа до недостижни (71:50).

До крајот на мечот, Ненад Димитријевиќ одигра нецели девет минути во кои реализираше скромни два поени. Погоди еден од двата обиди за два поени.

Ова беше вкупно 17. натпревар за Хувентуд во најсилната европска лига. Сега „зелено-црните“ се на ефект од 10. победи и 7. порази со кои се на седмото место во „Ендеса“ лигата.

Во следното 19. коло, на 10. јануари, Хувентуд гостува на Канарските Острови ,а противник им е Гран Канарија, екипа во која многу скоро, се очекува враќањето на нашиот нов репрезентативец, Џејкоб Вајли.