01.05.2021

Последната четвртина, најдобра во кариерата - 17.поени, без промашување од игра 6/6, но на крајот пораз од Уникаха (93:102) во екстра периодот

„ЕНДЕСА ЛИГА“: Фантастичниот Ненад Димитријевиќ - од јунак до трагичар!

Екипата на Хувентуд со пораз, се враќа од гостувањето во Малага. Уникаха беше подобра екипа, славеше по продолжението од пет минути (102:93).

Ненад Димитријевиќ не беше стартер. Но беше најдобриот поединец во гостинската екипа на ова тешко гостување. Нашиот репрезентативец беше најзаслужен за големиот пресврт кој Хувентуд го направи во последната четвртина (25-9) со кој стигна до нерешен резултат (78:78), на две минути до крајот на мечот. Во тој период постигна 17, од своите 27. поени. Но не ги реализираше двете слободни фрлања на 24. секунди при резултат (84:82) за неговата екипа. А откако претходно Уникаха преку Бризуела стигна до егал резултат (84:84), не го погоди и шутот за победа на екипата од Бадалона.

Затоа мораше да се играат дополнителни  пет минути во кои домашната екипа имаше повеќе среќа, и знаење и стигна до победата.  

На крајот на овој возбудлив меч, Димитријевиќ собра 29:18 мнути во кои имаше вкупно 27.реализации (3/4 за три, 7/12 за два и 4/7 за еден поен), на кои додаде и дури осум успешни додавања.

За екипата на Хувентуд ова беше 33. натпревар во сезоната по кој сега има ефект (18-15). Доволен за позицијата 7, но со оваа победа Уникаха, која е едно место подолу на табелата, дојде еден чекор поблиску до тимот од Бадалона (15-16).