01.11.2020

Десет поени и пет асистенции на Ненад Димитријевиќ во убедливиот триумф од (97:70)

„Ендеса“ лига: Хувентуд го размонтира Естудијантес

Кошаркарите на Хувентуд брзо заборавија на поразот на гостувањето во Фуенлабрада. По три дена, на свој паркет во Бадалона го декласираа тимот на Естудијантес.

Во деветтото коло на „Ендеса“ лигата во Шпанија,

Хувентуд – Естудијантес             97:70

Ненад Димитријевиќ не го почна мечот во кој по 10.минути од играта Хувентуд оствари 11. поени позитива (26:15). Таа висока позитива екипата од Бадалона успеа да ја зголеми. И до истекот на првото полувреме да „отиде“ на плус од 18.поени (51:33).

Во тој дел од играта, нашиот репрезентативен бек постигна четири поени (2/3 во обидите за два поени), и имаше уште две асистенции.

До крајот на овој меч во кој Хувентуд доминираше во секој поглед, Димитријевиќ финишираше со ефект од десет поени (0/2 за три, 4/7 за два и 2/2 за еден поен), пет асистенции, два скока и исто толку загубени топки за 21:48 минути во игра.

По девет одиграни кола, со ефект (6-3)  Хувентуд е високо пласиран во најквалитетната европска лига.