17.12.2020

Ненад Димитријевиќ имаше пет поени во деветтата победа на „зелено-црните“ во елитната лига, против Обрадоиро (87:83)

„ЕНДЕСА“ ЛИГА: Пресврт победа на Хувентуд, за петто место на табелата

Нема одмор за Ненад Димитријевиќ и кошаркарите на Хувентуд. Само две вечери откако славеа голема победа над Уникс во Еврокупот, вечерва го одработуваа заостанатиот натпревар од 10.коло на шпанската „Ендеса“ лига, гостуваа кај Монбус Обрадоиро.

По сигурно одиграното прво полувреме во кое се стекнаа со водство од осум поени (40:32), гостите од Бадалона влегоа во сериозни проблеми, особено со реализацијата. Но во финишот проработеа ветераните Томиќ и Рибас. Со помош на Вентура, кој ја даде клучната тројка, ја вратија предноста и дојдоа до победата (87:83)

На ова гостување Димитријевиќ беше во игра 14:43 минути. И не му одеше во шутот за три поени (0/4). Релизираше пет поени (2/2 за два и 1/3 за еден поен). Ги дополни со по еден скок и асистенција, и три загубени топки.

Ова беше 13. одигран натпревар на Хувентуд во 14.кола од најсилната шпанска лига. „Зелено-црните“ имаат ефект од девет победи и четири порази, доволно за високото петто место на табелата.

Овој викенд ги очекува голем предизвик. Во недела, од 18.30 часот е каталонското дерби, гостувањето во „Блауграна“ кај Барселона.