24.04.2021

Македонските репрезентативци на високо ниво, Вајли броеше до 24, а Димитријевиќ до 23. поени во 33.коло од шпанската елитна дивизија

„ЕНДЕСА“ ЛИГА: Вајли и Сарагоса „работеа“ за Димитријевиќ и Хувентуд

Вечерва во најсилната европска лига се играа натпреварите од 33. коло.

Кошаркарите на Хувентуд беа домаќини на Тенерифе, додека пак екипата на Касадемонт Сарагоса беше гостин на Уникаха.

Џејкоб Вајли беше најдобриот поединец на Сарагоса во убедливиот триумф на ова тешко гостување во Малага (101:78).

За 17.минути игра во три четвртини, македонскиот репрезентативец веќе имаше реализирано 19.поени.

На крајот од мечот, зад неговото име останаа запишани 24.поени (извонредни 9/10 за два и 6/8 за еден поен), како и пет скока и три успешни додавања за 22:47 минути во игра.

Со овој триумф Вајли и соиграчите индиректно му помогнаа на Хувентуд, кој води битка со Уникаха за позицијата 7 во „Ендеса“ лигата. Во 32.одиграни натпревари имаат скор (13-19) со кој се на 13.место на табелата.

Феноменална четврта четвртина одигра Ненад Димитријевиќ против подобро пласираната екипа на Тенерифе. Македонскиот бек реализираше десет поени (2/2 за два и 2/2 за три поени).

Се заедно, одличната вечер Димитријевиќ ја заокружи со 23.реализирани поени (3/5 за три, 7/8 за два и 0/1 за еден поен), четири скока и две асистенции за 18:53 минути.

Што е исто така важно, Хувентуд го дoби овој меч со резултат (90:85).

За тимот од Бадалона ова беше победа број 17 (во 31 одигран натпревар), со која побегнаа чекор напред во однос на Уникаха.