Во 20. коло од шпанската „Ендеса“ лига, екипата на Хувентуд го пречека последно пласираниот тим во најсилната конкуренција, Гипузкоа баскет од Сан Себастијан.
И сосема спротивно од очекувањата „зелено-црните“ загубија од „фенерџијата“ во најсилната шпанска лига, (90:94).
Ненад Димитријевиќ не беше дел од стартната петорка која ја изведе тренерот Карлес Дуран. Доби „полна минутажа“ дури во третиот период, во кој домашната екипа стигна до два поени негатива (72:74), откако претходно негативата беше скоро двоцифрена. Врати со шест реализирани поени, три погодени „двојки“.
До крајот на мечот во Бадалона, нашиот репрезентативец комплетираше 16:14 минути во игра. Реализираше беспрекорно во обидите за два поени (пет од пет), имаше еден неуспешен обид од линијата за слободни фрлања, и два шута за три поени. Плус и по четири скока и асистенции, и три загубени топки, една во самиот финиш на средбата.
По 19. одиграни натпревари, Хувентуд сеуште е на позицијата број 7, но сега со ефект (10-9).