23.06.2025

Селекторот на јуниорките, Виктор Петровски, задоволен од сработеното во изминатиот период од подготовките

„Енергијата присутна на тренинзите да ја ‘пренесеме’ на теренот“

Женската селекција на Македонија за кошаркарки „Под 18“ години вредно работи и го одработува оној средишен дел од подготовките за настап на Европското првенство од Дивизијата „Б“ кое ова лето ќе се игра во литванските градови Вилнус и Алитус.

По оние први контролни натпревари на гостувањето во Црна Гора, селекторот Виктор Петровски сега на располагање ги има сите кошаркарки, вклучително и сестрите Мила и Ања Начевски, што во некоја рака ја олеснува работата на стручниот штаб во кој се уште и Нена Трајчевска и Арин Агиќ, пред наредните контроли, оние против јуниорската селекција на Косово.

„Подготовките се одвиваат во најдобар ред. Би рекол дека сите играчи влегуваат максимално посветени на секој тренинг, што искрено, многу ме радува. Сега ни следуваат уште две пријателски средби со Косово, на кои ќе видиме што и колку сме одработиле во претходните денови. Целта ни е да ја задржиме оваа позитивна атмосфера присутна на тренинзите, и да бидеме во иста оваа енергија и на првенството во Литванија“ – вели селекторот Петровски за сработеното во изминатиот период.

Во оној наредниот, веќе во среда, во СРЦ „Кале“, нашата женска јуниорска репрезентација ќе го одиграт третиот контролен натпревар, гостува соодветната селекција на Косово.