Втора година по ред, Скопје и Македонија ќе бидат местото каде најдобрите кадети на Стариот континент ќе се борат за престиж и титулата најдобар.
И второ лето по ред, сериозен испит за нашиот кадетски национален состав. Да се натпреварува во конкуренција на најдобрите 16. европски репрезентации во категоријата „Под 16“ години. И не само тоа, да се погрижи, нешто налик на онаа претходна генерација на млади кошаркари – да и донесе на Македонија континуитет на играње во елитната дивизија.
А нема да им биде воопшто лесно на оние 12. кошаркари кои ги одбраа селекторот Александар Јованчев и неговите соработници.
Уште во групната фаза ќе се соочат со исклучително квалитетни ривали.
Поточно, со актуелниот бранител на кадетската европска титула – репрезентацијата на Литванија, која на истото место, во Скопје, лани покажа дека е најдобрата.
Ќе играме и против „бронзената“ Франција, која исто така е во кругот на топ-фаворити за највисок пласман.
А во ова друштво ќе ја имаме и селекцијата на Белгија, која лани, со одлични настапи на ЕП во Дивизијата „Б“, се стекна со место во елитната кадетска конкуренција.
Токму овие три воведни натпревари ќе бидат и некое мерило за постоечкиот потенцијал на селекцијата на Македонија за играчи родени 2007 година ( и помлади). Но и за она то следува понатаму, во оној елиминациски, се чини уште поважен дел од шампионатот во нашиот главен град.
Кои се очекувањата на селекторот Александар Јованчев во пресрет на оној официјален старт на шампионатот во Скопје, утре од 18.30 часот, и средбата со Белгија:
„Ова е последен ден од подготовките пред почеток на Европското првенство. Задоволен сум од текот на подготовките, 43 дена одработеа репрезентативците. Притоа одигравме и седум контролни натпревари. Добро е што во последните неколку дена имаме само мали повреди и речиси сме комплетни. Утре нè очекува дуел против репрезентацијата на Белгија која изгледа добро, и има квалитетни кошаркари на бековските позиции. Доколку успееме да ги стопираме бековите сметам дека имаме големи шанси да триумфираме што би било идеален старт на првенството“.
Предводникот на кадетите говори и за она што следува во групата „Б“...
„Во натпреварите со Франција и Литванија очигледно, физички ќе бидеме инфериорни. Но шансата да се натпреваруваме со најголемите треба и мора да биде мотив плус за сите нас да дадеме се од себе.
Системот е таков што дури и да ги победите или загубите сите натпревари во групната фаза, добивате можност да разигрувате за осумте најдобри. Затоа е битно мотивот и концентрацијата да бидат на високо ниво на сите натпревари. Се надевам ќе уживаме во квалитетна младинска кошарка на првенството што следува...“- посакува Јованчев.
СИСТЕМ НА НАТПРЕВАРУВАЊЕ
За разлика од натпреварувањата во „Б“ Дивизијата на Европското првенство, во најквалитетната, „Дивизијата „А“, разигруваат вкупно 16. национални селекции.
Поделени се во четири групи (по четири репрезентации). По трите одиграни кола, и постигнатиот пласман, се формираат осминафиналните двојки, според принцип на елиминации ќе разигруваат:
(А1-Б4, А2-Б3, А3-Б2, А4-Б1, Ц1-Д4, Ц2-Д3, Ц3-Д2, Ц4-Д1).
Победниците од осумте натпревари, обезбедуваат пласман во четвртфиналето. Четирите селекции кои ќе стигнат до полуфиналето ќе се борат за медалите и шампионскиот трофеј.
Поразените селекции во првиот елиминациски круг, ќе се борат за пласман од 9. до 16.место. А трите последно пласирани (исто така според систем на елиминација), се селат во „Б“ Дивизијата.
Македонската кадетска репрезентација е дел од групата „Б“ во која се уште и селекциите на Белгија, Литванија и Франција.
Натпреварите во четирите натпреварувачки групи ќе се играат во големата сала на СРЦ „Кале“ и во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
Влезот за сите натпревари е СЛОБОДЕН.
Натпреварите од кадетскиот Евробаскет ќе бидат директно пренесувани на програмите на „Sportklub“ ТВ, како и на Youtube каналот на ФИБА.
СОСТАВ НА ГРУПИТЕ
ГРУПА А: Словенија, Италија, Турција, Црна Гора
ГРУПА Б: МАКЕДОНИЈА, Белгија, Литванија, Франција
ГРУПА Ц: Германија, Израел, Шпанија, Финска
ГРУПА Д: Летонија, Србија, Грција, Полска
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ ВО ГРУПА „Б“
5. АВГУСТ (САБОТА)
18.30: МАКЕДОНИЈА – Белгија
21.00: Литванија – Франција
6. АВГУСТ (НЕДЕЛА)
16.00: Белгија – Литванија
18.30: Франција – МАКЕДОНИЈА
7. АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК)
13.30: Франција – Белгија
18.30: МАКЕДОНИЈА - Литванија
МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОБАСКЕТОТ
4. Григориј Ѓорѓевиќ
5. Сергеј Петровиќ
6. Никола Јаничиќ
7. Жарко Терзиевски
8. Марио Симиќ
9. Илин Најков
10. Лука Марјановиќ (капитен)
11. Матеј Митревски
12. Лука Антиќ
13. Љубен Ефтимовски
14. Доријан Ивановски
15. Дамјан Ивановски
СТРУЧЕН ШТАБ
Селектор: Александар Јованчев
Асистент-тренер: Тино Даневски
Асистент-тренер: Милош Нинковиќ
Кондициски тренер: Мико Голубовиќ
Физиотерапевт: Јани Буха
Доктор: Веселинка Лалчевска