09.08.2023

Словенците беа доста подобар противник, славеа со високи (100:65) во осминафиналето на кадетскиот Евробаскет

ЕП – „ПОД 16“-MAЖИ-ДИВИЗИЈА „А“- СКОПЈЕ 2023: Македонија загуби од Словенија, и ќе се бори за опстанок во елитата

Машката кадетска репрезентација на Македонија ќе се бори за пласман од 9. до 16. позиција на Европското првенство од Дивизијата „А“ во Скопје.

Во осминафиналето, селекцијата на Словенија ја оправда улогата на фаворит, и стигна до убедлив триумф кој ги промовира во четвртфиналисти на кадетскиот Евробаскет.

СЛОВЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА    100:65

Кадетите на Словенија рано поставија доминантна позиција во дуелот со нашите млади кошаркари. Веќе по десет минути игра се стекнаа со голема предност (25:10), која до полувремето ја удвоија, поточно водеа со (56:28).

Најдобриот период од играта на нашите кадети беше третиот, во кој успеавме да анулираме дел до големата негатива и последниот период да го дочекаме со резултат (50:71).

Но избраниот тим на селекторот Александар Јованчев немаше доволни сили, енергија да направи уште повеќе во овој елиминациски натпревар по кој влегуваме во оној „долен дел“ од првенството.

Меѓу оние осум селекции кои ќе се борат да обезбедат опстанок во друштвото на најдобрите во овој сегмент на играчи „Под 16“ години.

Никола Јаничиќ реализираше 21.поен, капитенот Марјановиќ додаде 11, а Петровиќ уште десет поени за нашата селекција која го чека својот противник во веројатно и клучниот меч за понатмошниот пласман на првенството во Скопје.  

Утре попладне ќе играме против поразениот од дуелот Шпанија – Летонија во кој извесно е дека „црвената фурија“ важи за голем фаворит.

ЕП – „ПОД 16“-MAЖИ-ДИВИЗИЈА „А“- СКОПЈЕ 2023

РЕЗУЛТАТИ – ОСМИНАФИНАЛЕ

Германија – Полска         80:47

Франција – Црна Гора    91:50

Италија – Белгија 102:72

Грција – Финска    81:70

Србија – Израел70:64

Словенија – МАКЕДОНИЈА       100:65

Литванија – Турција        (во тек)

Шпанија – Летонија         (во тек)

ДВОЈКИ – ЧЕТВРТФИНАЛЕ

13.30: Италија – Германија

16.00: Франција – Грција

18.30: Словенија – Шпанија/Летонија

21.00: Србија – Литванија/Турција