27.07.2024

Во вториот натпревар од првата, групна фаза, Македонија имаше одличен почеток, и уште подобар завршеток, за победа над БиХ (99:87)

ЕП – „ПОД 18“- MAЖИ-ДИВИЗИЈА „Б“- СКОПЈЕ 2024: Македонија подобра, посилна од БиХ, за чекор понапред кон четвртфиналето!

Македонија продолжува со добрите игри, и што е поважно, со победи на Европското првенство од Дивизијата „Б“, за кошаркари „Под 18“ години во Скопје.

По успехот во премиерниот меч против Ирска, вечерва, нашите млади кошаркари беа поуспешни, подобри, посилни од репрезентацијата на БиХ.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА – МАКЕДОНИЈА     87:99

Одлично се одвиваа работите за нашата јуниорска селекција на почетокот на натпреварот против БиХ. Предводени од маестралниот Јаничиќ, кој ги погоди своите први четири обиди вредни по три поени, за седум минути игра, Македонија поведе со двојно поголеми (22:11).

Но уследи сериозен пад во играта, особено во одбраната, што Босанците го искористија максимално. Направија неверојатна серија од 14-0), по која дури и преминаа во водство (25:22), пред Марјановиќ да погоди за (24:25).

Доста поразлично се одвиваа настаните во вториот период. Публиката во СРЦ „Кале“ виде доста поизрамнети минути во кои ниту еден од двата ривали не направи некоја посериозна позитива како што беше нашата во првиот период.

По петтата тројка на Јаничиќ, во 16.минута поведовме со (40:36), истата позитива (49:45), ја имавме во последната минута од првото полувреме, кога реализираше Младеновски.

Но БиХ успеа да ни „откине“ два поени пред одморот, за (49:47).  

Полувреме во кое Јаничиќ застана на скор од 20.поени (и три скока), одлично следен од М арјановиќ, кој реализираше осум, додека Луканоски и Ќириловски додадоа по шест.  

Третата четвртина беше налик на втората, од причина што двете екипи беа околу оној резултатски егал, за што говори и податокот дека постигнаа по 25 поени, доволно за Македонија да ја има онаа предност од првото полувреме (74:72).

А потоа дојде на ред четвртината на одлука, во која нашите млади кошаркари ја „репризираа“ онаа првата. И како победничка се покажа нашата серија од (12-2) реализирана во три минути, а по која ја вративме двоцифрената разлика на нашат страна, имавме (86:74).

Но за разлика од стартниот период, во кој Јаничиќ немаше вистинска „логистика“, кога беше најпотребно, нашиот капитен, кој денеска го прослави својот 17. роденден, доби поентерска помош.

И тоа од Стојковиќ, кој финишираше со 18.поени (и пет скока), Марјановиќ, кој додаде 13, Ќирилоски кој дојде до десет реализации. Секако не смее да се занемари и ефектот на нашите високи играчи,  во прв ред, Димитриев и Луканоски.

Статистиката вели дека својот втор настап на првенството Јаничиќ го заокружи со реализација на 31.поен, 4.асистенции и 3 скока. Но многу поважно од сите овие индивидуални бројки е колективниот ефект – победата.

Два бода, плус оние два од дуелот со Ирска, која ја ставаат нашата јуниорска селекција на водечката позиција на табелата во групата „Ц“ во пресрет на третиот меч, кој лесно може да се претвори и во еден од решавачките.

Утре вечер, од 18.30 часот, Македонија ќе игра против репрезентацијата на Чешка, во кој ќе атакуваме на нов успех, кој води кон четвртфиналната фаза на ЕП од Дивизијата „Б“ во Скопје.