02.08.2024

Уште еден одличен настап на нашите јуниори заокружен со убедлив триумф над Португалија (71:42) и „влез“ во првата „четворка“

ЕП – „ПОД 18“- MAЖИ-ДИВИЗИЈА „Б“- СКОПЈЕ 2024: Македонија е во полуфиналето, и на еден чекор до елитата!

Ако во досегашниот дел од првенството, напите јуниорски репрезентативци  се меѓу најефикасните, на четвртфиналниот дуел против Португалија, „жолто-црвените“ одиграа гранитно во одбраната.

И повеќе од доволно за место во полуфиналето на ЕП од Дивизијата „Б“

МАКЕДОНИЈА – ПОРТУГАЛИЈА             71:42

Продолжува победоносната серија на нашата машка селекција „под 18“ години. По петте победи во групната фаза, стигна уште една, во дефинитивно еден од најважните натпревари во досегашниот дел од шампионатот во Скопје.

Оној четвртфиналниот, против репрезентацијата на Португалија.

Ако во оние претходните вниманието на нашиот стручен штаб беше некако насочен кон нападот, во овие 40.минути, Македонија покажа дека и тоа како добро, знае да игра добро и во дефанзивата.

Го оставивме квалитетниот противник на осум поени во првата, девет во третата четвртина...

Односно во оние во кои и ја направивме клучната предност која ни донесе „влез“ во првата „четворка“ на Европското првенство.

Извесно, не заборавивме на нападот, уште еднаш, имавме доста правилна распределба на поените во која и овојпат, во најголем дел, учествуваа Јаничиќ, Стојковиќ, Луканоски и Марјановиќ.

Марко Лукановски оствари нов дабл-дабл ефект од 17.поени и 14.скока, капитенот на тимот, Никола Јаничиќ застана на ефект од 16.поени, 7.скока и 4.успешни додавања, Стојковиќ заврши на 13.поени (и четири скока), додека Марјановиќ дополни со скор од 10.поени (4.асистенции и 2.скока).

Во полуфиналето, нашиот национален тим „Под 18“ години ќе игра против подобрата репрезентација на натпреварот Швајцарија-Бугарија, кој се игра од 21.часот, исто така во салата на СРЦ „Кале“.