Финале на ЕП од Дивизијата „Б“ за кошаркари „Под 18“ години. Дуел на двете најдобри репрезентации на собирот во нашиот главен град.
Двете непоразени селекции се бореа за првото место, за златните медали, и официјална промоција во учесници во „А“ Дивизијата односно наредниот шампионат кој ќе се одржи во соседна Србија.
Победник можеше да биде само еден, тоа е Македонија!
Нашите златни момчиња го продолжија победничкиот низ, и во големото финале на првенството во Скопје, против Австрија, ја задржаа перфекцијата, осум игри, осум победи, која од која поубава, поважна...
Доволни за златните одличја, за шампионскиот трофеј!
АВСТРИЈА – МАКЕДОНИЈА 88:98
Во првите четири минути од финалето, се стекнавме со почетно, солидно водство од (13:5), креирано со седумте поени кои дојдоа од капитенот Јаничиќ. Доволно за селекторот на Австрија во таа рана фаза од играта да го „потроши“ првиот тајм-аут.
Мошне ефикасна се покажа таа воведна четвртина во која, евидентно, двете репрезентации беа расположени за поентирање. Реализиравме одлични 32.поени, но ти не беа доволни за позитива од три поени.
По десет минути игра во финалниот меч во СЦ „Борис Трајковски“: Македонија-Австрија (32:29).
Одличен беше почетокот на нашиот јуниорски тим и во вториот приод. По поентирањето на Трајанов, се вративме во предност, дури и највисока во тој дел од играта, од девет поени (39:30).
А во нецели 13.минути, Јаничиќ веќе беше на ефект од 21.поен (8/12 во реализацијата на обидите од поле).
Токму Трајанов ја донесе и нашата нова најголема предност, од 11. поени (44:33), момент од 14.минута.
Само за момент се заканија Австријците, кога намалија на едноцифрени (37:44), но имавме брз одговор, сега преку Луканоски, и „неизбежниот“ Трајанов, кој постави (50:37), на семафорот кога се играше 17.минута.
По неговиот седми поен во тој период, Македонија имаше (55:42). Таа разлика беше и по поентирањето на Лукановски.
На полувремето: Македонија-Австрија (57:44).
А по паузата од 15.минути, Австрија испрати нова закана, и тоа преку серија од (10-3), со која се доближи на негатива од само шест поени (54:60), сето тоа за нешто повеќе од три минути игра.
Но Македонија го имаше бековскиот двоец Јаничиќ-Младеновски, кој успеа да го запре налетот на противникот. И не само тоа, да ја врати нашата двоцифрена предност (74:58), во неполни четири минути од тајм-аутот на селекторот Андреевски.
По три одиграни четвртини: Македонија-Австрија (78:64).
Со новата серија во која на противникот му испорачавме нови десет поени (прмивме двојно помалку, нашите јуниори се одвоија и на највисокото „растојание“, поведоа со (88:69).
На крајот, статистички поглед на финалето, вели дека Јаничиќ е стрелец на 30.поени, дополнети со пет скока и четири асистенции. Стојковиќ имаше одлично второ полувреме во кое запре на 15.поени, четири скока и три асистенции. Младеновски го заврши финалето со 14.поени, три асистенции и два скока, Марјановиќ имаше 12.поени, четири успешни додавања и три скока, а Луканоски беше на чекор до нов двоен ефект - 10.поени и седум скока во овој последне меч на ЕП во Скопје.
Но тоа е и најмалку важно, Македонија има нова златна генерација на млади кошаркари кои испратија порака дека се подготвени да бидат наследници на нашите големи кошаркаркси имиња кои сме ги имале низ историјата.
А ова е само уште еден нов, историски момент за македонската кошарка.
Имаме златни јуниори, за прв пат во историјата!