21.07.2023

„Да оставиме добар впечаток и да направиме што поголем успех во рамките на нашите можности“- порачува селекторот пред почетокот на ЕП

ЕП – „ПОД 18“-MAЖИ-ДИВИЗИЈА „Б“- МАТОШИНОС 2023: Апостолски Лечиќ: „Ќе дадеме се од себе, уште еднаш ова лето да ја израдуваме цела нација“

Кошаркарска Македонија е во еуфорија, особено по успехот на нашата младинска селекција, која пред неколку дена се избори за право, односно место во „А“Дивизијата. На домашен терне, игравме во големото финале, завршиме со сребрените медали, и билет за елитата.

Од денеска, во една слична ситуација е и нешто „помалата“ генерација на кошаркари. Оние родени 2005 година (и помлади) кои се дел од репрезентацијата „Под 18“ години, кои се во португалскиот Матошинос, каде стартува Европското првенство од Дивизијата „Б“.

„После четириесет и пет дневни подготовки, почнува првенството за нашата репрезентација. Поточно кажано, првиот ден сме слободни што е добро за нас. Пред се затоа што можеме да ги видиме ривалите ‘во живо’, иако веќе имаме доста материјали за нашите противници особено оние во групата во која што сме“ – вели селекторот Апостолски Лечиќ по доаѓањето во овој португалски град – домаќин на овој евро-шампионат.

Предводникот на јуниорската репрезентација се враќа на периодот кој е зад тимот:

„Во текот на подготовките имавме неколку повреди кои никој не ги посакува. За жал, за некои играчи тоа значеше и дека нема да отпатуваат со нас. На контролните натпревари не бевме комплетни скоро на ниту еден натпревар, па не можевме да видиме јасна слика. Па оттука, ги користевме за напредување во играта на нашиот тим, па и  резултатот беше на втор план. Но се знае дека сега, на европското првенство, овде во Португалија, резултатот е во прв план. И затоа, ќе дадеме се од себе да оставиме добар впечаток“- додава Апостолски Лечиќ.

На почетокот на шампионатот во Матошинос, првиот ден сме слободни, а веќе во второто коло од групата „А“, во сабота навечер, од 19.часот, за противник ја имаме селекцијата на Велика Британија?

„Првиот натпревар против Велика Британија претставува еден од најважните натпревари во понатамошниот дел од првенството. Анализирани се противниците и ќе дадеме максимум да го победиме противникот.

Мора да го кажам и ова, во составот имаме дури седум помлади играчи од генерацијата, што ќе помогне и во наредните години, со собирање на искуство и одлични натпревари во нозете

Во составот во кој сме овде, ќе дадеме се од себе уште еднаш летово да ја израдуваме цела нација и да направиме што поголем успех во рамките на нашите можности“- порачува селекторот пред почетокот на првенството во Португалија.