Машката јуниорска репрезентација на Македонија доживеа навистина болен пораз во второто коло од ЕП од дивизијата „Б“ во Португалија.
Одличната игра, особено во првиот дел од натпреварот, не беше доволна за конечен успех. Австрија стигна и до третата победа во групата „А“, а на нашите јуниори им остана само теоријата, иако и таа не е голема.
АВСТРИЈА – МАКЕДОНИЈА 77:74
Нашите млади кошаркари почнаа само како што може да се посака. Одиграа четвртина за паметење. Десет минути во кои реализираа 31, а примија 19.поени.
Во продолжението на средбата поведоа и со највисоки (36:19). Но како одминуваа минутите, така паѓаа во играта избраниците на селекторот Апостолски Лечиќ.
До полувремето, противникот анулираше добар дел од негативата (33:38).
Не се сменија многу работите ниту по одморот од 15.минути...
Навистина, го имавме извонредниот Андреј Шошкиќ, добро следен, особено во нападот, од Луканоски и Иванов. Но крајот на третиот период двете селекции го дочекаа со минимално водство на нашата селекција (59:58).
Имавме предност и на средината од четврттата четвртина, од пет поени, (70:65), кога Јаничиќ погоди две, од трите слободни фрлања.
Но во наредните пет поентиравме само уште во два наврати. Со шест неодбранети поени, Австријците преминаа во водство (71:70). Но Луканоски нè врати во водство (72:71) кога останаа да се играат 2:47 минути.
И не ги одигравме како што треба, и доволно за успех. Особено во финалните нецели седум секунди. При нерешен резултат (74:74), противникот доби две слободни фрлања. Костиќ го реализираше првото, но не и второто. Сепак, ја освои топката, по што судиите , помалку изненадувачки, досудија неспортска грешка на Луканоски над истиот играч, и практично го решија победникот на оваа средба од која зависи и изгледот на табелата.
Впрочем, на крајот на натпреварот статистиката вели дека Австрија имала само 16, односн далеку помалку споредено со бројот на досудените лични грешки на нашите репрезентативци - 28!!!
Таа вели дека Австрија, со три победи во исто толку натпревари е скоро сигурен четвртфиналист, додека за нашата селекција, по овој втор пораз во две вечери, останува теоријата, и многу мали шанси за премин во следната четвртфинална фаза.
А на Андреј Шошкиќ му недостасуваше само една асистенција за да го заврши натпреварот со трипл-дабл ефект. Лидерот на оваа селекција дојде до учинок од 27.поени (4/12 за три, 5/6 за два и 5/6 за еден поен), десет скока, и девет асистенции, пет освоени и три загубени топки за 37:26 минути во игра.
Луканоски застана на скор од 14.поени и 5. скока, а исто толку поени даде и Иванов, кој имаше и по два скока и асистенции.
Утре е слободен ден на шампионатот во Матошинос. А во вторник, од 19.часот, играме против селекцијата на Норвешка во обид да дојдеме до првата победа на првенството во овој португалски град.
ЕП – „ПОД 18“-MAЖИ-ДИВИЗИЈА „Б“- МАТОШИНОС 2023:
ГРУПА „А“
РЕЗУЛТАТИ 3. КОЛО
Норвешка – Исланд 74:79
МАКЕДОНИЈА – Австрија 74:77
Велика Британија - слободна
ТАБЕЛА
1.Австрија 3 3 0 256:210 6
2.Велика Британија 2 2 0 161:136 4
3.Исланд 3 1 2 219:233 4
4.Норвешка 2 0 2 138:176 2
5.МАКЕДОНИЈА 2 0 2 142:161 2
ИДНО КОЛО (25.ЈУЛИ)
16.30: Велика Британија – Австрија
19.00: МАКЕДОНИЈА – Норвешка
Норвешка - слободна