25.07.2023

Убедливиот триумф над Скандинавците (100:80), сепак, не е доволен за „премин“ во четвртфиналната фаза на шампионатот

ЕП – „ПОД 18“-MAЖИ-ДИВИЗИЈА „Б“- МАТОШИНОС 2023: Прва победа на јуниорите, одличната македонска офанзива испорача „стотка“ за Норвешка

Нашите јуниори го променија местото на играње, односно за првпат откако се во Матошинос, заиграа во „главната сала“, односно Конгресниот спортски центар во овој португалски град.

А во 40.минути доста израмнета игра, против Норвешка, во поглме дел. Но го скршивме отпорот на жилавите скандинавци во последните десетина минути, за прва победа на првенството за избраниците на селекторот Андреј Апостолски Лечиќ.

МАКЕДОНИЈА – НОРВЕШКА     100:80

Потполно изедначен натпревар, особено во првиот дел, односно првата четвртина. Десет минути во кои двете екипи постојано се менуваа во дстото. И на крајот на четвртината, резултатот беше нерешен (20:20).

Апсолутно ништо не се промени и во текот на втората. Двете селекции во обид да дојдат до првата победа „гризеа“, но ниту една од нив не направи посериозна предност. На средината на овој дел, Македонија водеше, со солидни (35:30), ако се земат в предвид „движењата на резултатот“ во тие нецели 16 минути.

Но не успеаја да го искористат том моментум кој им го даде тоа водство. Младите норвешки кошаркари уште еднаш стигнаа до егал скор (36:36).

Сепак, во последните две минути од полувремето, проработе „конекцијата“ Шошкиќ-Иванов, за ново водство, сега од шест поени (46:40), кое со тројка, во последната секунда, го преполови Пристли, постави (46:43).

Иванов имаше 11.поени, а своите минути во игра одлично ги искористи Стојковиќ кој во првите 20.минути реализираше десет поени во ефикасното издание на нашата селекција „Под 18“.

Имавме и највисоки (54:46) кога во средишниот дел од третата четвртина положи Шошкиќ. Но младите норвешки кошаркари се вратија уште еднаш, намалија на (52:56). Најдовме „одговор“ и за тој норвешки напад, по тројката на Јаничиќ, Македонија имаше плус 9 (67:58) по три одиграни четвртини.

За четири минути во четврттиот дел, креиравме уште поголема предност. По тројката на Јакимовски, парцијално (10-4), за водство од (77:62). Се „појавија“, поентерски секако, во вистинско време, прво Луканоски, потоа и Јаничиќ, па Македонија поведе и со (81:68), потоа и (84:70).  

Во ова, извесно, најколективно, офанзивно издание на нашата јуниорска репрезентација, петмина кошаркари имаа двоцифрен број на реализации.

Еден од најмладите во нашиот јуниорски ростер, Никола Јаничиќ, ја заврши оваа средба со 24.поени (плус пет скока и три асистенции). Андреј  Шошкиќ  дојде до 15.поени, 13.асистенции и 7.скока, Иванов запиша 13, Луканоски уште 12, додека Стојковиќ застана на десет постигнати поени.

Утре, од 16.30.часот, играме против селекцијата на Исланд во обид да дојдеме до втората победа на првенството во овој португалски град и место кое води во разигрување за пласман од 9.до 16.позиција..

Со победата (79:64) во дерби дуелот на оваа „А“ група, против Австрија, селекцијата на Велика Британија го потврди пласманот во четвртфиналето. Има ефект (3-0), а понатака одат и Австријците кои оваа фаза ја завршуваат со скор (3-1). Недостижен за другите три селекции во ова друштво.  

ЕП – „ПОД 18“-MAЖИ-ДИВИЗИЈА „Б“- МАТОШИНОС 2023

ГРУПА „А“

РЕЗУЛТАТИ 4. КОЛО

Велика Британија – Австрија   79:64

МАКЕДОНИЈА – Норвешка        100:80

Исланд - слободен

ТАБЕЛА

1.Австрија   4          3          1          320:289        7

2.Велика Британија         3          3          0          240:200        6

3.МАКЕДОНИЈА    3          1          2          242:241        4

4.Исланд     3          1          2          219:233        4

5.Норвешка 3          0          3          218:276        3

ИДНО КОЛО (26.ЈУЛИ)

14.00: Норвешка – Велика Британија

16.30: Исланд – МАКЕДОНИЈА

Австрија - слободна