22.07.2023

Нашите јуниори загубија премиерниот меч на првенството во Португалија, Британците имаа подобри периоди на игра, доволно за победа (84:68)

ЕП – „ПОД 18“-MAЖИ-ДИВИЗИЈА „Б“- МАТОШИНОС 2023: Стартен пораз од Велика Британија за нашите јуниори

Нашата машка селекција „Под 18“ години, со пораз ги стартуваше натпреварите од групата „А“ на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Португалија. Со голем број на осцилации одиграа нашите јуниори на дуелот со Велика Британија. Рано влегоа во висока негатива во второто полувреме, и не успеаја да се „вратат' во целост. 

МАКЕДОНИЈА – ВЕЛИКА БРИТАНИЈА            68:84

Во преголем грч го почнаа нашите јуниори премиерниот меч на првенството во Португалија. Како да беа и премногу импресионирани, пред се, стартните пет во изборот на селекторот Андреј Апостолски Лечиќ, во воведната четвртина. Доказ за тоа беше податокот кој вели дека сите девет поени ги реализиравме од линијата за слободни фрлања. Во меѓувреме Британците релизираа 17, за солидна предност по десет минути (17:9), и две лични грешки на Шошкиќ, поради кој мораше да седне на клупата во рана фаза од натпреварот.

Тројката на Величковски најави подобра игра во нападот на нашите млади кошаркари. А по втората, која ја реализира Јаничиќ, „се вративме“ во натпреварот.

Во 15.минута, Македонија намали на (19:21), доволно за селекторот на Велика Британија да побара минута одмор зза да го сопре налетот на македонските јуниори (серија од 10-4).

Поените на Луканоски, во 18. минута, ни го донесоа и првото водство (26:25). Но во последните две минути Велика Британија влезе во своја серија од седум поени, доволно да ја врати предноста на своја (32:26).

И на големиот одмор да замине со солидни (34:27).

Британските јуниори подобро почнаа и во второто полувреме. За само четири минути, обезбедија плус од 20. поени (53:33),

Немавме одговор за брзата и ефикасна игра на противникот, кој зголеми и на максимални (56:33), за серијата да изнесува (22-6).

Шошкиќ, со тројка, го прекина тој далеку од идеален период на нашата селекција, која за разлика од првото полувреме, остана без дефанзивни решенија за играта на Британците.

Јаничиќ, со лесно положувањеи една неверојатна тројка од осум метри, со помош на Луканоски, ја симнаа негативата на многу пониски, (47:58). А ја оддржа Шошкиќ, за (49:62) по три одиграни четвртини.

И не успеавме таа негатива да ја сведеме на едноцифрена, ниту во оној последен дел од премиерата во Матошинос. Напротив, ривалот дури и ја покачи, на средина од четвртиот период водеше со (77:59).

Марко Луканоски со 22.поени и девет скока, беше нашиот најкорисен играч на овој прв меч на шампионатот во Матошинос, Јаничиќ додаде 11. поени, а Шошкиќ, кој имаше проблеми со личните грешки низ целиот тек на мечот, на крајот запиша 12. поени.

Утре, од 16.30 часот, Македонија игра против репрезентацијата на Австрија, која по стартната победа на средбата со Норвешка (97:64), вечерва играше против Исланд. И на крајот стигна до втор триумф (82:72) кој ги става на делба на првата позиција со Велика Британија во групата „А“ по двете одиграни кола. 

ЕП – „ПОД 18“-MAЖИ-ДИВИЗИЈА „Б“- МАТОШИНОС 2023:

ГРУПА „А“

РЕЗУЛТАТИ 2. КОЛО

МАКЕДОНИЈА – Велика Британија     68:84

Исланд – Австрија            72:82

Норвешка – слободна

ТАБЕЛА

1.Австрија   2          2          0          179:136 4

2.Велика Британија         2          2          0         161:136 4

3.Исланд     2          0          2          140:159 2

4.МАКЕДОНИЈА    1          0          1          68:84 1

5.Норвешка 1          0          1          64:97 1

ИДНО КОЛО (23.ЈУЛИ)

14.00: Норвешка - Исланд

16.30: МАКЕДОНИЈА – Австрија

Велика Британија - слободна