Женската репрезентација на Македонија „Под 18“ години, денеска попладне ќе ги започне натпреварите од Европското првенство Дивизија „Б“ кое во наредниот период ќе се одржи во Софија.
Селекторот на оваа наша национална селекција Јелена Антиќ, заедно со своите соработници, асистентите, Нена Трајчевска и Методија Бешлиовски, односно Горан Крстевски, како одговорен тренер за кондициска подготовка, го определија составот од 12. кошаркарки, со кои ќе се обидат да го реализираат планираното кое се граничи со евентуален „премин“ во втората фаза од шампионатот.
„Завршивме со мини-циклусот на подготовки за Европското првенство во Софија. Поминавме многу краток временски период заедно, каде што во поголемиот дел бевме некомплетни. Успеавме да го подигнеме нивото на физичка подготвеност, и да воведеме некој нов систем на игра на кој нашите девојчиња не се навикнати, што значи сеуште менуваме некои навики стекнати од претходно.
Игравме неколку пријателски натпревари каде што можевме да забележиме каде ни се недостатоците. Односно најголем проблем имавме кога требаше да одговориме на притисокот на противникот, поточно агресивната игра. Во последниот контролен натпревар против екипата на Бугарија видовме еден борбен дух и желба, која ветува“ – вели селекторот Јелена Антиќ
На последната „контрола“ токму во Софија, нашиот женски јуниорски тим не беше комплетиран (не играа Модева и Милованова, и оттука, кога ги има на располагање сите 12. кошаркарки, Антиќ очекува уште подобра „слика“ на првиот меч на турнирот.
„Се надевам дека вака, комплетни, ќе можеме да ја видиме комплетната слика на нашата репрезентација. Јас и мојот стручен штаб ги подржуваме овие девојки, и веруваме дека можеме да прикажеме квалитетна игра“.
Македонија е дел од групата „А“ на овој шампионат, во која за ривали ги имаме селекциите на Хрватска, Данска, Исланд и Холандија, односно селекцијата со која денеска (12.часот), и ќе го отвориме овој собир.
„Слаби репрезентации не постојат. Нивото на европска кошарка е подигнато во сите земји, затоа, очекуваме секој натпревар да биде тежок. Го отвораме првенството против тимот на Холандија, екипа која знаеме дека ќе пружи максимален отпор на самиот почеток на шампионатот. Затоа ние ќе се фокусираме на нашата игра, и се надеваме на позитивен исход во наша корист“- се надева Антиќ пред стартот на шампионатот во главниот град на Бугарија.
Согласно со системот за натпреварување, првопласираните две селекции од секоја од четирите групи, ќе обезбедат пласман во четвртфиналето.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
ГРУПА „А“
30.ЈУНИ (ПЕТОК)
12.00: Холандија – МАКЕДОНИЈА
14.30: Данска – Исланд
Хрватска – слободна
1.ЈУЛИ (САБОТА)
14.30: Хрватска – Данска
17.00: Исланд – Холандија
МАКЕДОНИЈА – слободна
2. ЈУЛИ (НЕДЕЛА)
17.00: Холандија – Хрватска
19.30 МАКЕДОНИЈА – Исланд
Данска слободна
3. ЈУЛИ (ПОНЕДЕЛНИК)
СЛОБОДЕН ДЕН
4. ЈУЛИ (ВТОРНИК)
14.30: Данска – Холандија
17.00: Хрватска – МАКЕДОНИЈА
Исланд - слободен
МАКЕДОНИЈА НА ЕП-ДИВИЗИЈА „Б“
1 – Ана Милованова - бек
5 – Михаела Алексовска – бек-шутер
7 – Деа Хоџа - центар
8 – Ања Начевска -крило
9 – Ана Ангеловска – бек
10 – Мила Ѓуковиќ – ниско крило
11 – Милица Николиќ – силно крило
12 – Марија Николов – бек
13 – Климентина Модева – центар
14 – Сара Ѓорѓиевска – крило
25 – Божица Стоевска - бек
40 – Ива Дојчинова – бек
СЕЛЕКТОР: Јелена Антиќ
АСИСТЕНТ: Нена Трајчевска
АСИСТЕНТ: Методија Бешлиоски
КОНДИЦИСКИ ТРЕНЕР: Горан Крстевски