Младите хрватски кошаркарки доминираа од првата до последната минута на средбата во Софија, со која го потврдија пласманот во првите осум селекции на шампионатот. Нашата јуниорска репрезентација ќе се бори во утешната група, онаа за од 9. до 18. позиција
ХРВАТСКА – МАКЕДОНИЈА 83:41
Уште во почетната фаза од средбата Хрватска покажа дека е голем фаворит за победа. Многу рано поведоа младите хрватски кошаркарки. По десет минути од играта веќе имаа акумулирано предост од 15. поени (29:14).
Разлика која во другиот дел од натпреварот само ја зголемуваа. До полувремето веќе имаа плус од дури 26. поени (46:20).
Преголем број на грешки направија избраничките на селекторот Јелена Антиќ. До крајот на оваа средба дури 28, од нив 11 и беа запишани на Марија Николов, единствената која некако стигна до бројката од десет реализации.
Начевска имаше еден поен помалку - девет, додека пак две кошаркарки имаа и по 11 скокови, а мал број на поени, Модева и Ангеловска.
Утре попладне, од 17.часот Македонија ќе проба да направи подобар резултат во дуелот со втората селекција од групата „А“ која е сеуште без триумф на собирот во Софија.