20.07.2024

Во мечот во кој бевме пред императив на победа, имавме добри моменти само на почетокот, островјаните победија (116:87) и ја искористија шансата

ЕП – „ПОД 20“- MAЖИ-ДИВИЗИЈА „А“- ГДИЊА 2024: Без одбрана - нема победа, Македонија загуби и од Исланд

Во натпреварот за пласман од 13. до 16.позиција на евро-шампионатот во Полска, нашата машка селекција „Под 20“ години, кој беше означен како последна шанса во битката за се избегнат последните три позиции на првенството кои водат кон преселба во Дивизијата „Б“, Македонија загуби од селекцијата на Исланд. 

Оттука, во последниот меч од турнирот во Гдиња, во недела, нė чека поразениот од натпреварот во кој се среќаваат селекциите на Турција и на Црна Гора за избегнување на последното место на ова ЕП.

ИСЛАНД – МАКЕДОНИЈА           116:87

Македонија ја доби првата четвртина (20:14), одиграа нашите млади кошаркари како што треба, особено во одбраната.

Но веќе во првите неколку минути од втората, Исланѓаните не само што фатија резултатски приклучок, дури и го преземаа водството.

Имавме егал резултат по 18.минути од играта (38:38), но очајно го завршивме првото полувреме. Исланд направи серија од (8-0) доволно за да дојде до највисокото водство.

На полувреме противникот имаше сосема солидни (46:38).

Колку игравме различно во овие два периоди од играта јасно говори и податокот дека во вториот примивме дури 32.поени, за разлика од првиот – само 14.

Шошкиќ погоди три од вкупно петте тројки за нашиот тим (од 17 обиди), и овој дел од играта го заврши со 13. реализирани поени. Но „рибарите“ има подобра реализација во шутот, подобар скок (дури девет скока повеќе), макар што загубија една топка повеќе (13) од нашиот состав (12).

Не бевме добри ниту на почетокот на второто полувреме. Во нецели две минути, Исланд направи серија (8-3), за да се одвои на уште поголемо водство, сега од (54:41). Не помогна ниту тајм-аутот на селекторот Смилковски. Пред се, затоа што Исланѓаните влегоа во шутерски ритам, за нецели 24. минути постигнаа дури 12 тројки (од 26.обиди), и изградија уште повисока позитива (62:46).

Одбраната беше сериозен проблем во играта на Македонија. За само осум минути од третата четвртина, дозволивме Исланд да постигне неверојатни 37 поени, и практично да дојде до недостижни (83:61), во 28.минута од мечот.

За да биде „сликата комплетна“ во тие десет минуси Исланд дојде до бројката од 43.реализации, и резултат (89:63) по кој стана јасно дека на последниот ден од првенството, утре поладне, ќе се бориме да „побегнеме“ од последното место на Европското првеннство во Гдиња.

Индивидуално гледано, на овој натпревар на кој противникот даде 20 тројки со 50% на успешност, Шошкиќ заврши со 19.реализирани поени (и пет асистенции), Јовановиќ заврши со 17. поени (три скока и две додавања), Иванов имаше 15 (и пет скока), а Симиќ додаде 11.поени (и осум скока) за нашиот национален тим „Под 20“ години.