14.07.2024

Слабата трета четвртина поништи се она што добро го одработивме во првото полувреме, Турција стигна до триумф (90:55)

ЕП – „ПОД 20“- MAЖИ-ДИВИЗИЈА „А“- ГДИЊА 2024: Едно добро полувреме, недоволно за нешто повеќе против Турција

Малки поинакво, далеку подобро издание на нашата селекција „Под 20“ години на вториот натпревар на шампионат во Полска. Одлично одиграно прво полувреме, пад во играта во третата четвртина, и на крајот втор неуспех за избраниците на селекторот Боро Смилковски.

Утре поладне, од 18.часот, е третата шанса за успех, дуел против селекцијата на Белгија. 

МАКЕДОНИЈА - ТУРЦИЈА            55:90

Очигледно беше дека нашите млади кошаркари го надминаа она што им се случуваше на оној премиерен меч со фаворитот Шпанија, кој извесно веќе и го заборавија.

Во дуелот со Турција влеговме многу посамоуверено. Макар што противникот се стекна со почетна предност од (19:14), најдовме начин како сето тоа да го „свртиме“, односно со серија од (8-0), во 8.минута и да поведеме. По поените од линијата за слободни фрлања на Иванов беше (22:19) за Македонија.  

Но не го задржавме, затоа што Турците постигнаа четири поени, за „минималец“ (23:22), по првата четвртина.

Она што го радуваше нашиот стручен штаб предводен од селекторот Боро Смилковски е што во тој прв период од натпреварот, дури седуммина наши кошаркари се запишаа во листата на стрелците.

На почетокот на втората четвртина, Македонија повторно поведе, макар и минимално, по првите поени на Јовановиќ, беше (28:26). Следуваше нова серија поени на противникот, но со четири поени во серија Шокиќ не дозволи таа да (по) трае, намали на (34:36), и згора на тоа, го натера турскиот селектор Ендер Арслан, на нов тајм-аут за кратко време.

Не се задоволивме со тоа, затоа што по тројката на Бојчев, во 19.минута, резултатот беше нерешен (38:38). Но слично како и на крајот на првата четвртина, со четири поени по ред, Турција стигна до предност на полувремето, (42:38).

За жал, серијата на Турција продолжи и по паузата од 15.минути. За четири минути, противникот додаде уште десет поени, за најубедливо водство на мечот (52:38), и извесно тајм-аут за Смилковски, во обид да ја сопре серијата на турската селекција.

Но не успеавме да го одбраниме тој налет во кој Турција стигна и до уште поубедливи (60:38), па нашиот селектор беше приморан да потроши уште една минута за одмор и совети, како понатаму во четвртината во која противникот направи огромна предност и исчекори кон првиот триумф на првенството.

Стојаноски реализираше 12 поени, имаше и осум скока, Бојчев дојде до десет поени, Шошкиќ запиша девет, а Симиќ уште осум поени во нашата селекција.

Својот трет натпревар од групата „Ц“ нашите младинци ќе имаат веќе утре попладне, поточно од 18. часот, за кога е закажан дуелот потив репрезентацијата на Белгија.

А дека Шпанија е топ-фаворит за освојување на медал, можеби и најсјасниот, покажа и на дуелот против репрезентацијата на Белгија. Славеше „црвената фурија“ со повеќе од убедливи (81:45), доволни за прво место во оваа конкуренција во групата „Ц“ од евро-шампионатот во Полска.

ЕП – „ПОД 20“- MAЖИ-ДИВИЗИЈА „А“- ГДИЊА 2024

ГРУПА „Ц“

РЕЗУЛТАТИ

ПРВО КОЛО

Турција – Белгија  62:64

Шпанија – МАКЕДОНИЈА   93:38

ВТОРО КОЛО

Белгија – Шпанија            45:81

МАКЕДОНИЈА – Турција 55:90

ТАБЕЛА

1.Шпанија    2          2          0          174:83           4

2.Турција      2          0          1          152:119 3

3.Белгија      2          1          1          109:143        3

4.МАКЕДОНИЈА     2          0          1          93:183 2

ИДНО КОЛО (15.ЈУЛИ)

15.30: Турција - Шпанија

18.00: МАКЕДОНИЈА – Белгија