Не баш идеалниот „вовед“ во натпреварот, ги чинеше нашите млади кошаркари уште еден пораз во „Ц“ групата од младинскиот Евробаскет во Полска. Подобри од нашите, денеска беа младинците на Белгија...
МАКЕДОНИЈА – БЕЛГИЈА 59:86
За разлика од претходниот натпревар, оној против репрезентацијата на Турција, на овој нашите млади кошаркари „рано“ влегоа во проблемите со реализацијата. Се мачеа со оној офанзивен дел од играта. Повторно за десет минути игра реализираа мал број на поени – четири.
На другата страна, иако не блескаа Белгијците се стекнаа со солидно, двоцифрено водство, на истекот на првата четвртина, Белгија поведе со (16:4).
Не променивме скоро ништо во оној напаѓачки сегмент од играта ниту во продолжението од натпревар кој го дефинираше нашиот конечен пласман во групната фаза од шампионатот во Полска.
Како одминуваа минутите така се одалечувавме од шансата за нешто повеќе на овој трет меч во групата „Ц“, по кој стана јасно дека во следната фаза, разигрувањето за пласман, влегуваме од аутсајдерска позиција, односно позиција број 4 во оваа конкуренција на Шпанија, која претходно со победата над Турција (81:73), ја потврди првата позиција, Турција и Белгија.
Навистина, дадовме поголем број на поени во втората четвртина, но погодуваше и противникот, па до полувремето Белгија го зголеми водството, имаше двојно поголем број на дадени – 36, во однос на примени поени – 18.
Впрочем, со шут од игра (1/15 за три и 7/20 за два поени), дури 13 загубени топки, и девет скока помалку во однос на ривалот, и не можевме да сметаме на нешто подобро во првите 20.минути.
Одиграа нашите младинци многу подобро по одморот.
Во првата половина од третата четвртина се играше рамноправно, двете селекции реализираа по 13 поени, (капитенот Симиќ комплетираше 12. поени) но не успевавме да ја „симнеме“ негативата, Белгија водеше со (49:31). До крајот на тој дел од играта белгиските младинци имаа уште повисоки (56:34).
Иако желба постоеше, немаше вистински поентер во нашата млада репрезентација, што му ја олесни работата на противникот онака, рутинерски да ја одработи последната четвртина и да го потврди триумфот, кој ги става на втората позиција на табелата во групата „Ц“.
Во самиот финиш, до двоцифрен број на реализации во нашиот тим „Под 20“ години, дојдоа и Бошалески, кој постигна 14, Симиќ застана на иста бројка од 14.поени, додека Јовановиќ мечот го заврши со 13. поени..
Во осминафиналето, како четврттопласирани ќе играме против најдобрата селекција од групата „Д“, односно Словенија, која влегува во наредниот сегмент од шампионатот со максимален ефект, три меча-три победи.
ЕП – „ПОД 20“- MAЖИ-ДИВИЗИЈА „А“- ГДИЊА 2024
РЕЗУЛТАТИ 3.КОЛО
Турција – Шпанија 73:81
МАКЕДОНИЈА – Белгија 59:86
ТАБЕЛА
1.Шпанија 3 3 0 255.156 6
2.Белгија 3 2 1 195:202 5
3.Турција 3 1 2 225.200 4
4.МАКЕДОНИЈА 3 0 3 152:269 3