17.07.2024

Во егал игра во најголем дел од мечот, Македонија загуби од фаворитот Словенија (71:82), но играта носи оптимизам пред мечевите на одлука

ЕП – „ПОД 20“- MAЖИ-ДИВИЗИЈА „А“- ГДИЊА 2024: Македонија покажа дека може и со најсилните

Играта во вториот дел од втората и првиот дел од третата четвртина на осминафиналниот дуел со Словенија, се показател дека нашиот младински состав може да дојде до планираната цел на шампионатот во Полска – опстанокот во „А“ Дивизијата.

Во најголем дел од натпреварот, бевме рамноправен ривал на досега (заедно со Шпанија), непоразената селекција на Словенија. Но кога требаше нешто повеќе останавме без потребната енергија за завршниот дел од овој елиминациски натпревар во Гдиња.

СЛОВЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА     82:71

Иако уште еднаш на ова првенство немавме добар почеток, во првите шест минути од играта, Словенија направи висока позитива (22:6), но, како одминуваа минутите, така нашите македонските кошаркари ја „креваа“ играта. До првиот „мал одмор“ намаливме на (16:27), за веќе по нешто повеќе од 17.минути игра, да дојдеме и до негатива од само четири поени (31:35).

Полувремето од овој осминафинален меч на ЕП во Гдиња, заврши со шест поени плус на слоовенечката страна (39:33).

Индивидуално гледано, одлично прво полувреме имаше Јовановиќ, кој реализираше 12.поени (ги реализираше двете тројки на нашиот тим во тој прв дел од натпреварот).

Добро го отворивме второто полувреме, дел од играта во кој со пет последувателни поени, се доближивме и само на „половина кош“ негатива (38:39).

Две минути подоцна, по реализацијата од линијата за слободни фрлања на Стојаноски, Македонија имаше егал (41:41). А по тројката на капитенот Симиќ (негов 12.поен), поведовме, за прв пат на натпреварот, со (44:43).

По неговата втора тројка водевме и со (47:46), по што уследи серија од грешки на нашите младинци што Словенија знаеше да го казни и брзо да ја врати предноста на своја страна, односно со серија од (11-2), до дојде до комотно водство, (57:49), момент од 29.минута од натпреварот.

Серијата на противникот ја прекина Бошалески, за (51:57), но Словенците ја затворија оваа четвртина на резултатски пресврти со двоцифрено водство (62:51).  

Но, зборот „предавање“ и дефинитивно не е во речникот на нашите млади кошаркари...

На почетокот на последниот, и решавачки период, симнавме шест поени од негативата, по 12.поен на Шошкиќ, имавме минус 5 (61:66). Остана уште доста време, цели шест минути за конечно решение, кој ќе оди во четвртфиналето.

Влеговме во проблеми со лични грешки, а во тој средишен дел од четвртината, Словенците најчесто поентираа од линијата за слободни фрлања. И на тој начин го бранеа, и за жал, го одбранија, тоа тешко стекнато водство. Се одвоија на недостижни (79:65) на влезот на последните две минути од ова осминафинале.

Доволни за пласман во четвртфиналето. 

Јовановиќ го заврши натпреварот со 19.реализации (пет асистенции и четири освоени топки), Шошкиќ имаше 15 (плус четири скока и исто толку асистенции),Симиќ уште 14. поени и пет скока, Бошалески додаде осум поени и шест скока,, а Стојаноски уште седум поени (и седум скока) во нашата селекција „Под 20“ години, која по овој пораз ќе игра за пласман од 9. до 16.место на шампионатот.

А прв противник во таа, слободно може да се каже и нокаут-фаза, ќе биде поразениот од дуелот во кој нешто подоцна ќе се сретнат репрезентациите на Италија и на домаќинот, Полска.