21.07.2024

Македонија ја совлада Црна Гора (81:69) и го освои 15. место на младинскиот Евробаскет

ЕП – „ПОД 20“- MAЖИ-ДИВИЗИЈА „А“- ГДИЊА 2024: Победа над Црна Гора, како награда за пожртвуваноста и вложениот труд

Во последниот меч од турнирот во Гдиња, машката репрезентација на Македонија за играчи „Под 20“ години стигна до првиот триумф.

Бевме доста подобри од репрезентацијата на Црна Гора, на крајот доволно за 15. место на Европското првенство

МАКЕДОНИЈА – ЦРНА ГОРА      81:69

Две одлично одиграни четвртини, втората и третата, им беа доволни на нашите млади кошаркари да стигнат до толку посакуваниот триумф. Овие 20 минути веројатно беа и најдобрите на нашата селекција на шампионатот во Гдиња, на крајот доволно за 15. место во конечниот поредок во елитното репрезентативно натпреварување.
Црногорците имаа подобар почеток, во првиот период се стекнаа со водство (15:11). Но потоа уследија нашите минути.

До крајот на првото полувреме, Македонија успеа да направи пресврт.

Да поведе со двоцифрена предност (37:27).

Продолживме во исто темпо и по паузата од 15.минути. Во третиот дел од играта таа позитива ја удвоивме, Македонија имаше и вишок од 20.поени (62:42).

Противникот се закани само во последниот дел, ја симна негативата на едноцифрена, во финишот беше „само“ (67:75) за нашиот национален тим „Под 20“ години. Но во последните две минути го одбранивме тој напад и стигнавме до премиерниот успех на првенството.  

На крајот, една наша петорка заврши со двоцифрен број на реализации. Ја предводеше капитенот Симиќ кој постигна 15, по 13 реализираа Стојаноски (плус и осум скока) и Бојчев, Бошалески ги следеше со 12 (и пет скока), а Иванов заврши со 11.поени (и седум скока, три асистенции), додека плејмејкерите, Шошкиќ и Јовановиќ искомбинираа дури 15.асистенции до соиграчите.