11.07.2023

Кога беше најпотребно, нашите момци беа најдобри, убедлива победа над Бугарија (83:54) за делба на првата позиција во групата „А“

ЕП – „ПОД 20“-MAЖИ - ДИВИЗИЈА „Б“- СКОПЈЕ 2023: Македонија е многу блиску до четвртфиналето!

Во решавачкиот натпревар на место кое води во четвртфиналето на ЕП од Дивизијата „Б“ во Скопје, младата селекција на Македонија.славеше убедлива победа над директонито конкурент за место кое води во следната фаза - Бугарија. 

МАКЕДОНИЈА - БУГАРИЈА         83:54

Гостите од истокот имаа подобар почеток на овој натпревар кој одлучуваше која од овие две селекции, евентуално, ќе и се придружи на Чешка во следната натпреварувачка фаза - четвртфиналето

Имаа младинците на Бугарија предност од (15:9), потоа и (17:11) а на крајот на првата четвртина Стојаноски не реализира две слободни фрлања да ја намали, односно негативата да остане во корист на противникот, (18:15).

Сепка, на почетокот на вториот период, токму Стојаноски , со троја го доенсе израмнувањето (18:18), а кога Симиќ погоди од исто растојание, Македонија го презема водството (21:18). Макар за крајот, затоа што противникот успеа да влезе во резултатски егал (25:25), по 14.минути игра.

Оние наредните, беа во знакот на македонските младинци.

Петков и Митревски отворија серија (7-0) за наше солидно водство (32:25) во тој дел од играта во СРЦ „Кале“. Беше поголемо откако уште еднаш погоди Митревски (34:26) на три и пол минути пред крајот на првото полувреме.

Период во кој имавме и (40:31), за на истекот од 20.минута, водиме со нешто пониски (40:33).

Симиќ имаше свои одолични офанзивни минути, ги заокру со реализација на 14.поени. бековскиот двоец Митревски-Петков искомбинира уште 15 во ова наше водство, кое според пресметките беше доволно за „премин“ во четвртфиналето.

Силна поддршка од полното гледалиште во СРЦ „Кале“ имаа нашите млади кошаркари и во продолжението од овој меч, најважен од првата, групна фаза на ЕП во Скопје.    

И тоа како важен детал за она што следуваше во вторите 20 минути...

Вистинска кошаркарска рапсодија во изведба на момчињат во жолто-црвена комбинација на дресот, оној македонскиот.

Полувреме за паметење за нашиот состав „Под 20“ години, кое (скоро) го промовираше составот на Никола Василев и неговите соработници во четвртфиналист на ова првенство.

Секако, за „потврда“ на феноменалните 20.минути ќе ни треба уште една победа, на натпреварот кој следува утре вечер, исто така од 18.30 часот, на истото место во СРЦ „Кале“, против соодветната селекција на Ирска.

Теодор Симиќ реализираше 21.поен, имаше и осум скока и три асистенции, капитенот Андреј Митревски го заврши натпреварот со 19. поени, но и шест асистенции и три скока. Петков постигна уште 11.поени, но честитки заслужува комплетниот наш младински тим.  

По три одиграни натпревари во групата „А“, Македонија има скор од две победи и еден пораз.

Еден пораз, засега, имаат и репрезентациите на Чешка и на Бугарија. Но Бугарите го затворија своето учество во групата со ефект (3-1), додека Чешка (скор 2-1) во последниот круг од натпреварите ќе ги одмери силите со репрезентацијата на Словачка.

Со победа над Ирска, Македонија ќе биде првопласирана, а ако Чешка ја совлада Словачка, ќе биде вториот патник во друштвото на осумте најдобри на шампионатот во Скопје.