15.07.2023

Пред нападите на нашиот младински состав, „падна“ и Украина, во полуфиналето, со одлична одбрана дојдовме до првата цел (66:53)

ЕП – „ПОД 20“-MAЖИ - ДИВИЗИЈА „Б“- СКОПЈЕ 2023: Македонија е финалист, обезбеди билет за „А“ дивизијата

Македонија го продолжи победничкиот чекор на евро-шампионатот од Дивизијата „Б“ во Скопје. Во уште еден меч, кој беше оквалификуван како клучен, или најважен, нашите млади кошаркари одговорија на предизвикотг. Беа подобри од Украина, од првата, до последната минута на првиот полуфинален натпревар. На крајот, се наградија себеси со место во финалето, и тикет во друштвото на најдобрите 16 репрезентации во младинскиот „Под 20“ ФИБА сегмент. 

МАКЕДОНИЈА – УКРАИНА         66:53

Одбраната беше нашиот заштитен знак и во најголем дел од првото полувреме во полуфиналето со Украина.

Го минимизиравме напаѓачкиот ефект на Украинците, скоро на „нула“. Особено тоа се однесува на воведната четвртина, десет минути во кои ја оставивме Украина на само осум реализации.

Не блескавме ниту ние во офанзивата, но сепак, имавме и тоа како солидни (15:8).

Во исто темпо продолживме и во првите минути од вториот период. Дел од полуфиналето во кој Македонија дојде и до највисокото водство (24:10), како што беше во 14.минута по двете реализирани слободни фрлања на ултра борбениот Хот.

Следуваа минути на делумно „будење“ на Украина, прикажано со реализација на дури 11. поени без одговор од наша страна, за сериозно „топење“ на нашата позитива (24:21).

Симиќ ја прекина таа серија на противникот, отвори наша, по која се вративме на (30:25), а тројката со звукот на сирената на Резарт Мемед, ни донесе уште подобри (33:25) на полувремето на натпреварот во кој бевме сериозно хендикепирани со неиграњето на нашиот капитен Андреј Митревски, кој заработи посериозна повреда на стапалото на средбата со Велика Британија.   

 По релативно „мирни“ пет минути од последниот дел од играта, беше досудена неспортска грешка на еден наш кошаркар (Амар Хот).

Но на таа мала судиска неправда вративме на најдобар можен начин. Со поентирање, а по тројката на Мемед, Македонија имаше високи (57:45).

И само 4:14 минути за доигрување на првиот полуфинален меч од ЕП во Скопје.

Резарт Мемед беше и играчот на одлука, затоа што нашиот, можеби и најдобар шутер, продолжи да го торпедира кошот на Украина. До крајот на средбата, со далекуметни проектили ја одбрани нашата предност, а тоа значеше и промоција на Македонија во елитната конкуренција.

Постигна шест тројки со 60% на реализација, вкупно 24.поени, на висина на задачата беше Амар Хот, кој освен 12 поени, додаде и 11.скока, и 4 асистенции, додека Симиќ беше на два поени до двоен скор, затоа што осум поени и 11 скока беа зад неговот презиме во ова полуфинале во кое Македонија уште еднаш покажа дека има потенцијал, и дека заслужува да биде во онаа група од 16 селекции кои се најдобри во класификацијата „Под 20“ години.

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ – ПОЛУФИНАЛЕ

МАКЕДОНИЈА – Украина           66:53

21.00: Чешка – Шведска  (СЦ „Борис Трајковски“)