Македонската репрезентација „Под 20“ години заврши како осмопласирана на ЕП од Дивизијата „Б“ кое денеска треба да финишира во Тбилиси. Во натпреварот за седмата позиција во вкупниот поредок, загубивме од Бугарија
МАКЕДОНИЈА – БУГАРИЈА 64:69
Се играше израмнето до крајот на првата четвртина во која успеавме да ја достигнеме предноста на бугарската селекција. Водеа со (21:16), но со подобар финиш, стигнавме до нерешени (21:21).
Но проблемите во играта беа забележливи во наредните два во кои нашиот источен сосед направи сосема солидна предност. До одморот имаа водство од (43:38), за на истекот на третата, тоа да биде скоро удвоено, (60:51).
И покрај сите слаби моменти во играта, стигнавме до ситуација да направиме резултатски пресврт. Во последната минута од последниот меч на првенството во Тбилиси, да имаме негатива од три поени (64:67), и две слободни фрлања.
За жал, на 11. секунди пред крајот, Хот не успеа да ги реализира и да го направи овој меч драматичен до самиот крај. На другата страна, од истата позиција, сигурен беше Костадинов, за недостижни и конечни (64:69).
Марко Миловановиќ беше нашиот најефикасен кошаркар. Постигна 18.поени, а имаше и девет скока, додека пак Лука Савиќевиќ го заврши турнирот со 14.реализации, пет асистенции и четири скока.
Првенството во Грузија го завршуваме како осмопласирани, што е најдобриот резултат на Македонија за оваа возрасна категорија, „Под 20“-мажи, во европската младинска зона на натпреварување.