15.07.2022

На премиерниот меч ја прегазивме Австрија (90:54), а утре (14.45 часот), ни следува натпревар со Шведска

ЕП „Б“ ДИВИЗИЈА „ПОД 20“-МАЖИ – ТБИЛИСИ 2022: Супер старт на нашите младинци

Машката селекција на Македонија за кошаркари „Под 20“ години имаше успешен почеток на Европското првенството од Дивизијата „Б“ кое стартуваше денеска во Тбилиси.

На премиерниот натпревар славеа убедлив триумф против репрезентацијата на Австрија.

АВСТРИЈА – МАКЕДОНИЈА        54:90

Одличен почеток имаа нашите млади кошаркари на отварањето на турнирот во Тбилиси. Одиграа одлично во нападот, особено тоа се однесува за стартните десет минути во кои избраниот тим на селекторот Никола василев реализираше дури 33, а прими само 14.поени.

За кратко време Миловановиќ и Савиќевиќ станаа „двоцифрени“. Заедно искомбинираа 25 поени.

Малку „забавивме“ во втората четвртина, кога станува збор со реализацијата, но затоа ја „држевме“ контролата во одбраната. На противникот му дадовме само 26.поени за 20.минути од играта. Ние имавме двојно повеќе – 52.

За сигурни, убедливи (52:26), со кои беше трасиран и патот до првиот триумф, особено важен, ако се земе в предвид дека доаѓа на првиот ден од шампионатот во главниот град на Грузија.

Минути во кои реализиравме дури девет тројки, со 40% на успешност во реализацијата. Но и доминација во скокот (дури 12. повеќе во однос на противничката екипа).

Павел Данаиловски беше третиот наш кошаркар која ја достигна границата од најмалку десет поени.

Доминиравме и во второто полуѕцвреме во кое го одржавме континуитетот на високо водство. На истекот на третиот дел од мечот имавме уште повисоки (69:37). Но не се задоволивме со таа разлика, иако до крајот на натпреварот, селекторот Василев им даде минути на сите 12.кошаркари кои ги има на располагање за ова првенство.

Освен трилингот Миловановиќ-Савиќевиќ-Данаиловски, до двоен број на поени стигна и Петрушевски (10). Но она што исто така радува е дека во листата на стрелци влегоа сите во нашиот играчки ростер, згора на тоа со вистинска распределба на минутите.

Утре попладне, од 14.45 часот, нашата младинска репрезентација ќе игра против Шведска.