11.07.2022

Не ја повторивме играта од стартот на првенството, а девојките од Хрватска знаеја да го искористат тоа и да победат (64:46).

ЕП „Б“ ДИВИЗИЈА „ПОД 20“-ЖЕНИ – СКОПЈЕ 2022: Хрватска ги казни сите наши грешки

Многу празни минути, проблеми со реализацијата во нападот ја чинеа селекцијата на Македонија пораз во второто коло од групата „Ц“. Сите наши слабости ги казни до вечерва сериозно анемичниот состав на Хрватска (два порази по ред), кој ја впиша првата победа на првенството во Скопје.

МАКЕДОНИЈА - ХРВАТСКА         46:64

На почетокот, по пет минути од играта, се стекнавме со предност од пет поени (9:4), но Хрватска возврати, до крајот на првата четвртина стигна до изедначување (11:11). Изненадувачки, противникот ги одигра десетте минути без да направи ниту една лична грешка, што е вистинска реткост, дури и за ваков ранг на натпреварување. Но имаше дури девет загубени топки (ние три).

Имавме проблем во скок-играта, уште во раната фаза од натпреварот Хрватска оствари доминација во тој сегмент (во 12. минути игра имаа осум скока повеќе).

Освен тоа ја загубивме играта во нападот. Многу тешко реализиравме во првиот дел од вториот период, а хрватската селекција го искористи тоа максимално. И доволно да направи и двоцифрена предност (26:16) како што беше резултатот во 16.минута. Агилната Димитријевиќ ја прекина серијата на гостинките. За вовед во наша серија на поени, која нè донесе до -2, (24:26). Положувањето на Димитријевиќ (нејзин осми) беше доволен за сличен скор на истекот на 20.минути, (28:26) за Хрватска.

Полувреме во кое се изедначивме со противникот според бројот на загубени топки – по девет на двете страни, и останавме дефицитарни во скокот.

Слично се одвиваа настаните и во второто полувреме. Повторно влеговме во проблеми со реализацијата и одново Хрватска се одвои на висока позитива. Сега од девет поени (37:28), за седум минути постигнавме само два поени (Тасевска).

Селцова беше кошаркарката која го прекина нашиот поентерски пост, за (31:37).  Но за кратко, затоа што хрватските кошаркарки продолжија со ефикасната игра која им донесе и вишок од 12.поени (44:32).

Така беше и на истекот на третата четвртина (47:35).

Видливо беше отсуството на Николиќ (стомачни тегоби) на двете страни на теренот во второто полувреме (претходно, поради повреда, останавме и без Цветковска). А добриот шут, особено за три поени, ја донесе Хрватска до уште повисоки (50:37). И до целта-првата победа на првенството.

Она што го добивме против Косово, го загубивме против Хрватска, но одиме понатаму...

Утре навечер, исто така од 18.45 часот, повторно во салата на СРЦ „Кале“, нашата женска селекција „Под 20“ игра против Црна Гора која засега има максимален ефект во групата „Ц“.